Нема притвор за Пешевски, Канческа-Милевска и Трајковски

Нема притвор за обвинетите во предметите на Специјалното јавно обвинителство. Кривичните совети на Основниот суд не прифатија ниту едно барање на СЈО за одредување мерка притвор, но ги прифатија барањата за мерки на претпазливост. Судот им одреди мерки на претпазливост на вкупно 30 лица, а на 24 им ги одзеде пасошите. Од СЈО велат дека ќе ги обжалат одбиените притвори. 
 
„Од понеделник до Апелациониот суд ќе поднесеме приговори за сите одбиени притвори.“ - велат од Специјално јавно обвинителство.
 
Без пасош остана поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа Милевска, обинета во предметот „Тендери“. СЈО бараше притвор за првообвинетата и за уште едно лице во овој предмет, но судот го одби барањето како неосновано. Поранешната министерка и уште две лица се теретат дека во набавката за градежи работи за Музејот на македонската борба ја фаворизирале фирмата Бетон Штип со што и овозможиле да се стекне со противправна имотна корист.
 
Судот не го прифати барањето на СЈО за притвор на поранешниот вицепремиер, Владимир Пешевски. Одземен му е пасошот и има обврска секој понеделник да се јавува во суд. Обвинет е во предметот „Траекторија“ за изградба на патниот правец Миладиновци – Штип. Без пасош ќе остане и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски, обвинет во истиот случај. 
 
Нема притвор ниту за новинарите, Драган Павловиќ Латас и Ивона Талевска обвинети за даночно затајување во предметите „Тифани“ и „Тотал“. Но кривичниот совет одлучил дека има основ да им се одземат пасошите.
 
Одбиен е притворот и за Ѓоко Поповски, помошник во Министерството за внатрешни работи, а обвинет во предметот „Триста“ за злоупотреба на службената положба при набавка на возила. И на Поповски му се одредени само мерки за претпазливост. 
 
На градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, му се одзема пасошот и има обврска секој работен вторник да се јавува во судот. Не е прифатено барањето на СЈО да му се одреди притвор. Обвинет е во предметот „ТНТ“ за рушење на објектот Космос. Мерки на претпазливост во овој предмет добија уште четири лица.
 
Мерки на претпазливост во предметот Топлик за продажба на градежна парцела за изградба на населбата „Сончев град“ определени им се на пет лица вработени во Министерството за транспорт и врски. 
 
Одземен му е пасошот на еден обвинет во предметот „Трезор“ за набавка на опрема во МВР. Обвинението за „Тарифа“ или набавка на софтвер во АД ЕЛЕМ, им носи мерки на претпазливост на три лица. Поради бесправно градење на викендици во општина зелениково, на две лица ќе им бидат одземени пасошите и ќе мораат секој понеделник да се јавуваат во суд. 
 
Во предметот „Тортура“ пак, каде седум лица се обвинети за сурово постапување при апсењето на Љубе Бошковски, судот одреди петмина од обвинетите еднаш неделно да се јавуваат во суд, а на еден од обвинетите му определи забрана да контактира со другите лица од обвинението.
 
Останува судскиот совет да се произнесе за обвиненијата во предметот „Титаник“ и по предметите „Таргет“ и „Тврдина“ кои се спомени во еден обвинителен акт. Во „Титаник“ СЈО бара притвор за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, а во обвиненијата за прислушувањето и за уништување на опремата во УБК е побаран притвор за ексдиректорот, Сашо Мијалков. Овие обвиненија беа доставени до судот вчера вечерта, а судот има рок од 24 часа да одлучи дали ќе ги прифати барањата на СЈО.
 
„Двата обвинителни акта веќе се распоредени, согласно електронскиот систем за водење предмети, на оценка кај судиите Ивица Стефановски и Горан Бошевски, а со оглед дека во двата предмета до судот доставени се и предлози за определување мерки за обезбедување присуство, предметите се доделени во работа на кривичните совети кои треба да одлучат по истакантите барања.“ - велат од Основен суд Скопје 1.
 
Од судот информираат дека странките имаат право на жалба во рок од три дена по приемот на решенијата. 
 

 

 

02.07.2017 - 10:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега