Нимиц не очекува брзо решение туку придвижување на процесот, не оди во Атина

Во наредните месеци не треба да се очекува драматичен напредок во однос на прашањето за името, туку придвижување на процесот преку засилени контакти меѓу Македонија и Грција, истакна посредникот на ОН во спорот за името амбасадорот Метју Нимиц по средбата со министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Димитров и Нимиц

- Во наредните неколку месеци не треба да очекуваме драматични активности или промени. Сметам дека во моментов не е време за конечни, конкретни предлози. Потребен ни е период кога двете страни ќе разговараат меѓу себе. Имаме нова Влада овде, и нов контекст во регионот. Така што работите ќе се придвижат, но не гледам драматични случувања во следните неколку месеци, посочи медијаторот Нимиц. 

Тој додаде дека не дошол со нов предлог, туку разговарал за концептите на новата Влада за интензивирање на односите меѓу двете земји и општо за генералниот став за градење политика на добрососедство и решање на регионалните проблеми.

Изрази задоволство што три години по неговата последна посета на Македонија, прашањето за името, кое е вели, важно регионално прашање, но е важно и за ОН и за земјата, добива на внимание. По разговорите со премиерот Заев и министерот за наворешни работи Димитров, рече дека е задоволен од постоењето сериозен интерес и волја за продолжување на процесот.  

- За да се реши прашањето за името потребен е генерален прогрес на двете страни, односно тие да се ислушаат меѓу себе за своите позиции и да покажат отвореност, рече Нимиц.

Информира дека посетата на Атина, која требаше да се случи по посетата на Македонија нема да се одржи заради активното учество на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во решавањето на кипарското прашање, туку ќе биде дополнително закажана.  

Во однос на можноста за промена на форматот на разговорите, истакна дека последните неколку години воопшто немаше средби на претставниците на земјите во разговорите, а ја оцени како мошне значајна посетата на Димитров на Атина, прва во својство на министер, како и најавата за возвратна посета на Коѕијас на земјава.

Заев и Нимиц

Амбасадорот Нимиц денеска во Скопје се сретна со премиерот Зоран Заев, а треба да разговара и со лидерот на ДУИ Али Ахмети. Засега нема најава за други средби на специјалниот претставник на ОН во разговорите за името со други лидери на политички партии.

Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Заев на средбата со Нимиц демонстрирал пристап на отвореност и решавање на проблемите, во интерес на граѓаните на Македонија.

- Јас и Владата на Македонија сме определени кон чекори што ги решаваат проблемите на граѓаните на Република Македонија. За тоа водиме инклузивни политики и така ќе биде и со решавањето на ова прашање, што ќе го водиме исклучително транспарентно, а не затворено како досега, само преку државен консензус, со опозицијата, со Парламентот, со претседателот на државата и со граѓаните на Република Македонија, истакнал премиерот Заев.

Нимиц вчера имаше средба со претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов. Како што соопшти кабинетот на претседателот, Иванов порачал дека Република Македонија и натаму ќе учествува во процесот што се води под покровителство на ОН и истакнал дека е потребно да се создаде позитивен амбиент со цел подобро разбирање и почитување. 

Специјалниот претставник на ОН во разговорите за името меѓу Маледонија и Грција последен пат ги посети двете земји во јули 2014 година. 

 

 

 

03.07.2017 - 12:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега