Гаревски за силниот потрес: Може ли да се очекува посилен земјотрес од 5 степени?

Професорот и директор на ИЗИС, Михаил Гаревски, во интервју за Макфакс смирува дека не очекува посилен земјотрес од 5 степени по Рихтер во Охрид, иако земјотресите не можат да се предвидат.

- „Во моментов дефинитивно се активирани раседите од македонската страна во охридскиот регион, од Косел, до Свети Наум, па надоле накај Корча. Навистина би било неодговорно да предвидувам дали ќе има поголем земјотрес зашто земјотресите и не се предвидуваат“, вели Гаревски.

Според него е многу лошо што овде нема изразити удари, односно фор шок, меин шок или главен удар, а земјотресите се многу блиски. Од друга страна добро е што истрошена е дел од енергијата околу овие раседи и самото напрегање е редистрибуирано.

Тој објаснува  дека ова не треба да се поврзува со вулканот во Косел. -„Јас не сум вулканолог, но, сепак, како специјалист по сеизмичко инженерство морам да кажам дека во Македонија нема живи вулкани и не знам зошто велат дека вулканот во Косел е единствен жив вулкан на Балканот. Можеби бил, пред 100 милиони години. Тие манифестации на сулфур се типични геотермални појави, поради активирањето на овој расед што оди под Охриското Езеро“, објаснува Гаревски.

Тој ги смирува граѓаните да не бегаат од дома за време на потресот.

- „Едно е добро, во 2009 е доносен закон според кој Институтот ги контролира сите објекти, а за оние над 3000 метри квадратни се оди двапати да се исконтролира градбата, односно дали е со квалитетен армиран бетон. И тие објекти може ќе се оштетат на магнитуда од 6.5, ама нема да се срушат. Проблемот е дозволата за надградба на стари објекти со плус два ката. Тие може да се ризични“, објаснува директорот на ИЗИС.

 

 

 

03.07.2017 - 17:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега