Земјотресот вчера бил главен удар

Вчерашниот земјотрес со јачина од 5,1 степен бил главниот удар, па не се очекуваат посилни потреси, смета Гаревски од ИЗИИС.

Два земјотреса утринава со јачина од 3,5 степени беа регистрирани во охридскиот регион, додека во текот на вечерта имало десетина. Тие следуваа по вчерашниот најсилен земјотрес од 5,1 степен, кој според професорот и директор на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), Михаил Гаревски, бил главниот удар и не би требало да се очекуваат посилни потреси.

- Според моменталната состојба која покажува дека имавме предудари, од кои едниот беше негде околу 4 степени се додека не се појави тој од 5 степени. Вчерашниот земјотрес со магнитуда 5 по Рихтер во моментов делува дека е главниот удар бидејќи после тоа имавме повторно серија на т.н. афтершкови кои ги имаше сигурно десетина во текот на изминатата ноќ – вели Гаревски.

И покрај ваквите моментални предвидувања, тој напоменува дека охридскиот регион и од албанска и од македонска страна има потенцијал на магнитуди од 6,5 степени. За тоа сведочи и историјата односно два земјотреса што се случиле во 527 и 1911 година.

- Потенцијалот постои и во тој случај овие земјотреси не се доволни за да ја ослободат енергијата и да анулираат некој земјотрес со магнитуда 6,5 ако евентуално би се тригерирал. Сепак, мислам дека историски е многу рано за повторно да имаме некој земјотрес со магнитуда 6,5 или поголема од 6 – смета Гаревски.

Кога станува збор за информациите кои излегоа во јавноста за наводната поврзаност на вулканот кај селото Косел со земјотресите, професорот констатира дека таму во моментот воопшто нема жив вулкан.

- Повеќе може да се каже дека тие геотермални ефекти се јавуваат како резултат на тектонските активности, а не обратно како резултат на некој вулкан што не постои, да се јават земјотреси – вели Гаревски.

Сепак, потресите кои беа регистрирани во текот на вчерашниот ден ги вознемирија охриѓани и туристите, беа отворени и кампови за оние кои од страв сакале да ја поминат ноќта под отворено небо.

Екипи од ИЗИИС, Регионалниот центар на ЦУК и општинските власти уште од синоќа се излезени на терен за да направат проценка на штетите, односно за тоа дали оштетените објекти се безбедни или не.

Меѓу првите биле посетени виталните објекти од државен интерес, односно школите и болниците. Според првичните информации, досега не се забележани посериозни оштетувања во нив освен паѓање на малтер.

Според податоците на ЦУК, во текот на вчерашниот ден на бесплатниот телефонски број 195 имало стотина јавувања за пријавување штети на објекти.

- Најчесто тие јавувања се за срушени оџаци, напукнати ѕидови, поместени преградни ѕидови и други површински оштетувања коишто настанале од паднати предмети, болјери, телевизори итн. – велат оттаму.

 

 

 

 

04.07.2017 - 12:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега