Данев: СДСМ тврдеше дека Кембриџ програмата мора да се укине а сега признава дека е светска и квалитетна

Антиреформската влада на СДСМ продолжува со катастрофалното делување во сферата на образованието. Реномираната Кембриџ програма по која учат младите во најдобрите училишта во светот од септември нема да биде дел од образовниот систем, бидејќи за СДСМ е единствено важен нивниот поход за оцрнување на сите добри дела и проекти на ВМРО-ДПМНЕ, изјави на денешната прес-конференција пред Министерствтото за образование и наука, Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.

Порано СДСМ тврдеше дека Кембриџ програмата е штетна и мора да се укине. Сега СДСМ признава дека Кембриџ програмата е светска и квалитетна, но не им чинеле учебниците по кои се спроведува таа програма. А учебниците се само преведени и прилагодени на соодветната програма во Република Македонија.

Овој нов катастрофален потег на СДСМ во образованието е дел од антиреформската стратегија на власта која наместо да се занимава со реализација на 500 евра плата, 500 километри автопати и 100.000 денари плата за лекарите, се труди од петни жили прво да оцрнува добри проекти на ВМРО-ДПМНЕ, па наводно да ги спасува и поправа во последен момент.

Така, СДСМ сака да каже дека да не беше СДСМ автопатот Охрид-Кичево немаше да постои, да не беше СДСМ немаше да има Супер Куп на Европа во фудбал, да не беше СДСМ немаше да има нов клинички центар. Сега СДСМ тврди дека да не беше СДСМ ни Кембриџ немаше да е тоа што е.

Ваквите штетни и провидни манипулации се само доказ за безидејноста и неработливоста на СДСМ, Дескоска и Заев на кои полесно им е да одлагаат и укинуваат, наместо да земат и да сработат нешто во корист на граѓаните.

Таков беше случајот и со екстерното оценување, мерка која постои за да го контролира квалитетот на оценување, а СДСМ од популистички причини ја укина и отвори можност повторно во училиштата во Македонија да има цели одделенија со просек 5. Така не се гради иднина, така не се создаваат писмени и стручни генерации кои ќе ја движат Македонија напред.

И СДСМ нема да може да избега од екстерното за нивните антиреформи.

За вакви катастрофални потези во образованието граѓаните во првата наредна прилика ќе ги оценат со неизбежниот недоволен Еден.

 

 

 

06.07.2017 - 15:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега