Маја Иванова наградена со Златен медал на форумот Кран Монтана

Сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, е наградена со Златен медал на форумот Кран Монтана, за нејзините активности, проекти и иницијативи од хуманитарен карактер, што и беше врачен на церемонија во рамки на 28. Годишна сесија на форумот Кран Монтана, во Барселона.

„Активностите што како сопруга на претседателот на Република Македонија ги преземав, се во областа на здравството, образованието и имаат социјален, но пред се хуманитарен карактер. Кога мојот сопруг ја презеде функцијата, почуствував дека можам да ја насочам својата енергија и своите активности, моето знаење и мојот ентузијазам за да поддржам, за да потикнам или реализирам иницијативи кои што ќе бидат за општо добро. Мојата цел ја насочив кон две сфери и тоа кон активности кон жените и кон децата, а посебно кон онаа најранливата категорија на децата со посебни потреби и со аутизам. Вложивме многу напори, многу иницијативи ги преточивме во проекти коишто добија своја реализација“, истакна сопругата на претседателот, г-ѓа Маја Иванова.

Како што посочи г-ѓа Иванова, под нејзино покровителство беа отварањето на Центарот за сензорска терапија за децата со аутизам, како и отварањето на Детскиот ургентен центар.

„Одовде можам да ви најавам и еден нов проект, една убава иницијатива што прерасна во реализација. За неколку дена ќе биде отворен и Центарот за интензивна нега на Детската клиника, проект што се одвиваше под мое покровителство што исто како и Ургентниот центар, се реализирани целосна финансиска поддршка на турската агенција ТИКА“, рече г-ѓа Иванова.

За неа, сите награди што се добиваат се поттик да се продолжи понатаму, за реализација на други иницијативи и заложби

„Меѓутоа јас секогаш велам дека најголема наградата за мене, е кога ќе направите нешто за што ќе добиете една детска прегратка, еден детски бакнеж, или една детска насмевка, или кога ќе видите како едно здраво дете излегува од клиниката и се враќа во прегратките на своите родители, пријатели, баби и дедовци“, рече г-ѓа Иванова.

Златен медал на форумот Кран Монтана се доделува на етаблирани имиња од меѓународната јавност како признание за постигнувања во насока на похуман свет.

Сопругата на македонскиот претседател е вклучена во бројни активности што имаат социјален, образовен, здравствен предзнак, а пред се хуманитарен карактер и најмногу се посветени на децата, на нивното здравје и на нивните права, здравата исхрана и навики.

Под покровителство на Иванова во Скопје беше отворен Центар за сензорна терапија на деца со аутизам, а ја предводеше и националната кампања за отворање на првиот Ургентен центар на Детската клиника, прв од таков вид во Република Македонија и регионот.

Иванова е покровител на повеќе проекти и иницијативи кои се однесуваат на жените, нивните права и женското здравје, меѓу кои серозевите кампањи, посветени на борбата против ракот на дојка. 

Сопругата на претседателот Иванов поддржува бројни општествено-корисни иницијативи и проекти во чиј фокус се ранливите категории.

 

 

 

07.07.2017 - 18:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега