Висок германски дипломат во посета на Скопје

Државниот секретар за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Германија Михаел Рот од недела до вторник ќе пристигне во посета на Македонија и Србија.

- Беше крајно време да бидат надминати блокадите во поранешната југословенска Република Македонија. Одговорните политичарите ја однесоа земјата во многу тешка ситуација. Затоа сум задоволен од првичните надежни сигнали од новата влада. Премиерот Заев кажа јасно дека сака темелно да се занимава со интеграцијата во ЕУ и дека е искрено заинтересиран за регионално помирување, се вели во информацијата од германското МНР пред посетата, јавува дописникот на МИА од Берлин.

Рот прво ќе го посети Белград, а потоа ќе пристигне во Скопје. Во Белград ќе има средба со премиерката Ана Брнабиќ, како и со министерката за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ. Рот ќе се сретне и со претставници на невладиниот сектор во Србија.

Главниот фокус на патувањето е европскиот пат на Србија. Понатамошни реформи особено во владеење на правото, слобода на медиумите, демократијата се меѓу главните задачи на новата влада. Напредок во нормализацијата со Косово е задолжителен. Со ова патување германскиот министер за Европа сака да ја охрабри Србија да продолжи конзистентно да ја турка европската интеграција.

- По Белград Рот патува во Скопје каде што новата влада ја почна својата работа по изборите во декември. Формирањето на владата беше долго и тешко, се вели во информацијата од германското МНР во која не се наведува со кого ќе се сретне германскиот дипломат во Македонија.

Михаел Рот е еден од највлијателните дипломати во германското МНР, тој е член на германските социјалдемократи и еден од најблиските соработници на министерот за надворешни работи Зигмар Габриел, кој  е дел од кампањата на СПД за сојузните избори закажани за септември, а учествува и во меѓународната медијација за кризата во Катар.

 

 

 

08.07.2017 - 10:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега