Разрешувањето на Зврлевски на собраниска седница

Собранието на Република Македонија денеска ќе ја продолжи шестата седница на чиј дневен ред е Предлог одлуката за давање согласност на општите акти на Народниот правобранител, како и  разрешувањето на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски. 

 Џафери во четвртокот ја прекина седницата по серијата паузи што ги побараа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за да се разгледаат стенограмите од обраќањето на омбутсманот Иџет Мемети.

Претходно, од ВМРО-ДПМНЕ објавија дека формирале 10 пратенички групи. Координатори на пратеничките групи се Илија Димовски, Антонио Милошевски, Зоран Илиовски, Владанка Авировиќ, Даниела Рангелова, Панчо Минов, Димитар Стевананџија, Драган Данев, Благица Ласовска и Драган Цуклев.

Според собранискиот Деловник, координаторите на пратеничките групи имаат право на дискусија од 15 минути и да побараат процедурална забелешка уште 3 минути.

Во изјава за медиумите Џафери минатата недела истакна дека е рано да се каже дали потегот на ВМРО-ДПМНЕ со формирањето на 10 пратенички групи е направен со цел да се блокира работата на Собранието. - Со нивното делување во Собранието ќе се покаже која им е намерата, рече Џафери и додаде дека тие ќе понесат политичка одговорност за нивното делување.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ викендов соопшти дека директна и единствена причина за делувањето на партијата во Собранието е игнорантскиот однос на Владата предводена од СДСМ и новото парламентарно мнозинство. - ВМРО-ДПМНЕ смета дека со своето организирање во 10 пратенички групи ќе придонесе за демаскирање на сите задни намери кои што ги планира СДС и истовремено ќе обезбеди поквалитетна дебата за било кое прашање или мерка која што ќе се разгледува во законодавниот дом, стои во соопштението од пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

На дневен ред на шестата седница се и предлог-измените на Законот за работните односи поднесен од Нола Исмајлоска, Магдалена Манаскова и Весна Пемова и годишните извештаи за работата на повеќе институции. Пратениците треба да расправаат и за состојбата со дивата депонија во Струга, предлог поднесен од група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. 

 

 

 

10.07.2017 - 08:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега