Ќе се утврдува составот и староста на водата во Охридското Езеро

Со примена на изотопски методи експерти од Хидробиолошки завод од Охрид и Институтот за нуклеарни истражувања од Дебрецен, при Унгарската Академија на науките ќе ги утврдуваат составот и староста на водата во Охридското Езеро.

Првичната цел, според Маријан Темоски координатор на истражувањата од Центарот за изотопска климатологија и проучување на животна средина, е утврдување на времето на задржување на водата во езерото, прв пат со примена на изотопски методи, но ќе се добијат и дополнителни информации за различни параметри на водата.

- Се надеваме дека ќе имаме успешна реализација и ова е само почеток на нашата соработка. Вклучени сме во повеќе истражувања во Македонија и се надеваме дека ќе воспоставиме соработка со повеќе институции бидејќи аналитичките способности на лабораторијата се големи и имаме можности за различни анализи. Македонија е една богата земја со многу можности за научни истражувања на различни теми кои можат да имаат широко меѓународно значење, истакна Темоски.

Тој денеска на прес-конференција најави истражување и на глацијалните езера на Јабланица и Пелистер каде ќе се бушат седиментите од езерата ќе се земаат сонди врз кои ќе се прават анализа на нивните геохемиски карактеристики со цел палеоклиматски реконструкции, чиј теренски дел ќе се започне кон крајот на јули.

Директорката на Хидробиолошки завод – Охрид, Елизабета Велјаноска - Сарафилоска информира дека соработката е резултат на потпишаниот меморандум меѓу двете институции, кој вклучува зголемена меѓусебна научна соработка, размена на идеи, кадри, искуства и учество во заедничко научно истражувачки проекти.

- Овогодишните истражувања на Охридското Езеро, ќе траат до 16 јули ќе опфаќаат собирање мостри вода на повеќе локации од езерото и на различни длабочини. Потоа следат лабораториски анализи, дел ќе се вршат во Хидробиолошки завод, кои ќе укажуваат на квалитетот на водата во Охридското Езеро вклучувајќи го нутриентното и органското оптоварување и присуството на тешки метали, додека во Центарот за изотопска климатологија и проучување на животната средина на Институтот за нуклеарни проучувања при Унгарската академија на науки ќе бидат останатите истражувања, истакна Велјаноска - Сарафилоска.

Раководител на Центарот за изотопска климатологија и проучување на животната средина Ласло Палчу појасни дека лабораторијата се занимава со изотопски истражаувања на климатските услови, физичките и хемиските. Основно во истражувањата, според него, се климатските услови во минатото и сега, како и развој на климата во иднина.

- Во наредните 10 дена ќе земеме најмалку 100 мостри од водата од езерото и врз нивно изучување сакаме да ја утврдиме староста на водата, начинот на мешање на водата и другите нејзини параметри, рече Палчу.

Аналитичкиот дел треба да заврши до крајот на оваа или почетокот на следната година, а потоа преку публикација резултатите ќе бидат достапни за јавноста.

Прашани за поврзаноста на езерото со моменталните сеизмички движења во охридскиот регион Темоски смета дека нема директна поврзаност на раседите со Охридското Езеро.

- Главните раседи кои ја контролираат еволуцијата на Охридското Езеро се главно со меридијански правец, север-југ, овој активниот расед е сосема во спротивен правец. Не би го поврзал ниту испуштањето на водата од езерото со сеизмичките движења, нагласи Темоски.

 

 

 

10.07.2017 - 16:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега