Телефонски разговор Заев - Пенс: Поддршка од САД за реформите и евро-атлантските аспирации

Македонскиот премиер Зоран Заев денеска телефонски разговарал со потпретседателот на САД Мајк Пенс. Во соопштението на Белата куќа што го објави и Пенс на својот Твитер профил, се вели дека американскиот потпретседател му го честитал на Заев изборот за премиер и ја повторил поддршката на САД за реформите и евро-атлантските аспирации на Македонија.

- Во името на претседателот Доналд Трамп, потпретседателот Пенс му честита на Заев за преземањето на премиерската должност на 31 мај. Потпретседателот ја подвлече континуираната поддршка на САД на евро-атлантските аспирации на Македонија и го охрабри Заев да даде приоритет на реформите кои ќе овозможат напредок на Македонија на тој пат. Потпретседателот Пенс нагласи и дека  со нетрпение ја очекува средбата со Заев и лидерите од регионот на Западен Балкан на Самитот на Јадранската повелба што ќе се одржи на 2 август во Подгорица, Црна Гора, се наведува во соопштението од Белата куќа.

 

Македонија како актуелен претседавач со Јадранската повелба, заедно со Црна Гора, ќе биде кодомаќин на претстојната средба на лидерите на земјите членки со американскиот потпретседател Мајк Пенс во Подгорица.

 

 

 

10.07.2017 - 23:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега