Митровски: Трет ден МВР молчи за вандалското уништување на 30-тина православни гробови во Љуботен

 

Трет ден МВР молчи за вандалското уништување на 30-тина православни гробови во Љуботен, изјави Дејан Митровски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција, чиј говор ви го пренесуваме интегрално во продолжение.

МВР трет ден нема приведено ниту откриено ниедно лице од оние кои на кукавички начин сквернавеа гробови во Љуботен. Овој подол чин предизвикува страв и нервоза кај населението.

Оливер Спасовски и МВР упорно молчат, што го отвора прашањето дали намерно ги кријат сторителите. Виновниците за овој чин не се откриени, што говори дека или МВР нестручно и непрофесионално ја врши работата или тенденциозно дозволува ваквите инциденти да се повторуваат со цел да се крене поголема тензија меѓу граѓаните.

Ваквите провокации може да предизвикаат конфликти кои ја дефокусираат јавноста од сериозни политички процеси што се одвиваат во Македонија, а се однесуваат на идентитетските прашања поврзани со македонскиот народ, македонскиот јазик и македонската историја.

Повикуваме граѓаните да останат смирени и да не потпаѓаат под провокации. Надлежните институции и министерот Спасовски од друга страна веднаш да го расветлат случајот, и виновниците да ги изведат пред лицето на правдата. Во спротивно и ние и целокупната јавност со право ќе се сомневаме дека се работи за инсценирана и добро осмислена провокација со политичка позадина.

 

 

 

13.07.2017 - 12:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега