Стефаноски до Таравари: Почнете да ги реализирате проектите кои толку гласно ги најавувавте

Директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Стефаноски денеска изјави дека Фондот непречено функционира и тој како директор ги извршува своите обврски согласно закон на дневна основа. Изјавата на Стефановски е реакција на изјавата на министерот за здравство Арбен Таравари кој вели дека директорот на ФЗОМ не оди на работа, го игнорира Министерството за здравство и до крајот на неделата ќе биде разрешен.

– Господине Таравари не дефокусирајте и преземете одговорност за позицијата за која што ви дале мандат и решавајте проблеми на осигурениците и здравствените работници. Почнете да ги реализирате проектите кои толку гласно ги најавувавте. Добро е што по месец и две недели од вашето назначување се сетивте дека постои Фонд за здравствено осигурување на Македонија и ние се уште ја чекаме вашата прва официјална покана да оствариме работна средба со вас, вели Стефаноски.

Тој додава дека министерот има надлежност врз работењето на Фондот, сите важни одлуки на Фондот се носат на Управен одбор, а потоа министерот дава согласност.

Фондот за здравство, според Стефаноски, изминатите години прерасна во институција која е отворена за граѓаните, која решава проблеми и имплементира проекти за подобрување на здравствениот систем.

Тој го прашува министерот Таравари кој ќе ја сноси одговорноста, бидејќи се разрешени сите членови на Управниот Одбор на ФЗОМ, кој е надлежен орган за одлучување во втор степен по жалби за лекување во странство, со што, како што истакнува, се парализира институцијата во носење одлуки и директно се загрозува здравјето на осигурениците.

– До крајот на неделата ќе биде разрешен директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Стефановски, оти не оди на работа и го игнорира Министерството за здравство, изјави претходно министерот Арбен Таравари. Тој вели дека се уште не одлучиле кој ќе го замени Стефаноски, но додава дека се во потрага по компетентен, професионален и совесен кадар.

Тој ги потврди информациите дека размислуваат во Фондот за здравствено осигурување место двајца директори, како што е сега, да има само еден директор, како и тоа дека се размислува ФЗОМ да се спои со Министерството за здравство, а не да биде издвоена институција.

 

 

 

 

13.07.2017 - 14:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа