ВМРО-ДПМНЕ: Со предложениот ребаланс, Владата го зголемува задолжувањето

Со предложениот ребаланс на Буџетот, Владата на СДСМ го зголемува задолжувањето на Македонија, смета ВМРО-ДПМНЕ.

- СДС, Драган Тевдовски и Зоран Заев кои со месеци наназад зборуваа за нивната загриженост дека Македонија е презадолжена земја, сега, откако дојдоа на власт, предлагаат ребаланс во кој предвидуваат поголемо задолжување на државата до крајот на годината за 150 милиони евра. Уште во првиот месец откако дојдоа на власт ја задолжија државата 60 милиони евра, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Според плановите на Заев, додава партијата, до крајот на годината, секој ден државата ќе биде задолжена за нови 1,2 милиони евра повеќе од планираното.

- Во ставката домашно задолжување Владата на СДС планира наместо 17,8 милијарди денари да се задолжи за 20,7 милијарди денари. Тоа се нови 48,3 милиони евра долг кон домашните доверители. Во ставката задолжување кон странство Владата на СДС планира наместо планираните 12,3 милијарди денари да ги задолжи граѓаните со 18,4 милијарди денари. Со ова планираат да не задолжат дополнителни 100 милиони евра повеќе кон странски доверители, наведува ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ, како што стои во соопштението, ги лажеше граѓаните, ветуваше дека нема да се задолжува, а сега со ребалансот најавува дека за само пет месеци ќе го зголеми планираното задолжување за речиси 150 милиони евра. 

- Граѓаните на Република Македонија имаат право да знаат зошто државата се задолжува со толкава сума и каде СДС ќе ја потроши. Луксузите, октоподите, морските плодови, цвеќињата, партиските вработувања и вдомувањата на соросовите платеници не смее да биде на трошок на граѓаните. Граѓаните со право се прашуваат зошто СДС планира да го зголемува долгот, а притоа реализира ништо од ветеното, наведува ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

 

 

17.07.2017 - 10:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа