Павлоски: На незаконското работење на Спасовски мора да му се стави крај пред да се предизвикаат посериозни последици

Три дена потпретседателот на СДС Оливер Спасовски молчи и не кажува колку решенија за смени се поделени во Министерството за внатрешни работи. Колку од овие решенија се однесуваат на униформираниот, а колку на неуниформираниот дел? Кои се причините и законските основи за овие смени? Зошто овој податок се крие од јавноста? Дали некој го класифицирал овој податок како државна тајна само да направи политичка чистка во Министерството за внатрешни работи и да формира партиска полиција, запраша Сашо Павлоски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Команданти на единици, началници на Сектори, помошници кои зад себе имаат долгогодишно искуство во Министерството за внатрешни работи сега се на удар на потпретседателот на СДС, Оливер Спасовски. Сите оние кои имаат личен и професионален интегритет во министерството станаа предмет на отстрел на новиот министер и неговиот политички тим. Тие се цел само заради тоа што потпретседателот на СДС, се сомнева дека нема да ја злоупотребуваат службената положба и слепо да ги следат и извршуваат политичките нарачки на Бихаќка.Таргет на потпретседателот на СДС се и сите професионалци кои работеа на докажување на криминалот на наркодилерите блиски до Заев и партискиот врв на СДС, што изминативе месеци беа откриени и заглавија во затвори за нелегална трговија со наркотици. Таргет на потпретседателот на СДС се сите професионалци кои учествуваа во акции за докажување на криминалот на неговиот пријател и соработник Захир Бекири-Чауш, но и сите оние кои работеа на прибирање докази за санкционирање на изборната корупција на СДС почнувајќи од сомнителните исплати во Општина Струмица, па се до поткупите на гласачи со дрва во Куманово, рече Павлоски.

Според него, таргет на потпретседателот на СДС се и професионалците кои храбро и бескомпромисно работеа и на случаи како Монструм, Планинска бура и Диво Насеље.

-Ова што сега се прави во МВР е класичен контраудар на мафијата врз полицијата. Одмазда за сите реализирани акции. Главен инспиратор и реализатор на оваа одмазда на мафијата е Оливер Спасовски. Тоа што СДС го прави во моментов е брутална партизација на полицијата. Надвор од сите законски норми, надвор од сите реформи се реализира партиска чистка и поставување на партиски послушници на сите раководни позиции. Потпретседателот на СДС и неговите партиски послушници секојдневно се јавуваат и повикуваат вработени во Министерството за внатрешни работи кои низ долгите години во службата, постепено ја граделе кариерата и стигнале до одредена позиција за да им нудат одредени пониски позиции. Понудата од СДС е земи или остави. Им нудат пониски места на кои би биле распоредени по сопствено барање.

Во спротивно од тоа, додаде Павлоски, следат закани дека ќе бидат деградирани и девалвирани и дека нема да може ниту судот да им помогне.

-Тоа што го прави Оливер Спасовски е целосно незаконски и спротивно на Колективниот договор и Законот за внатрешни работи. Формирањето на партиска полиција е целосно неприфатливо и ќе ја наруши безбедноста. Министерството за внатрешни работи не е приватна сопственост на СДС. ВМРО-ДПМНЕ ги повикува професионалците во полицијата да не подлегнуваат на политичките притисоци од страна на потпретседателот на СДС и правдата да ја бараат пред повисоките органи. ВМРО-ДПМНЕ ги повикува претставниците на меѓународната заедница кои го следат работењето на полицијата, навреме да реагираат и да не дозволат ситуацијата да излезе вон контрола. На незаконското работење на Спасовски мора да му се стави крај пред да се предизвикаат посериозни последици.

 

 

 

 

18.07.2017 - 16:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа