Дводневна музичка програма за Суперкупот на плоштад

 Град Скопје во соработка со УЕФА, партнерите на УЕФА и ФФМ подготви дводневна богата музичка програма и активности во „неутрална фан зона“ на плоштад „Македонија“ по повод Суперкупот и дуелот на Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед на 8 август  на Градскиот стадион.

Неутралната фан зона на 7-ми и 8 август ќе биде отворена од 11 до 19 часот. На 7 август во 11 часот ќе почне грас-рут турнир помеѓу момчиња кој се организира во склоп на „Трофеј турата“ на Фудбалската федерација на Македонија. Девојчињата кои ќе се натпреваруваат на грас-рут теренот ќе почнат во исто време наредниот ден (8 август).

Првиот ден (7 август) на голема бина која ќе биде поставена на плоштад „Македонија“ ќе настапат Симона Попоска, диџеите Матс, Контру и Бранчез, а за наредниот ден се најавени настапите на Сара Мејс, диџеј Дела, Брас Брадрс и диџеј Боби.

Сите посетители на неутралната фан зона ќе имаат можност да се фотографираат со трите трофеи на УЕФА, трофеите на Суперкупот, Лигата на шампионите и Лига Европа, а за анимирање и забавување со фановите ќе се погрижи и маскотата на Суперкуп 2017 Скопје. Дополнителни активности ќе бидат организирани и од главните партнери на УЕФА: Пепси, Хајнекен, Мастеркард и Нисан.

 

Град Скопје подготви и специјални собирни места (meeting points) за двете групи на навивачи од каде ќе се упатат кон Градскиот стадион  во боите на својот омилен клуб. Навивачите на Реал Мадрид ќе се сретнат на плоштадот „Филип Втори“, а навивачите на Манчестер Јунајтед на платото пред Спомен-куќата на „Мајка Тереза“.

По повод претстојниот натпревар, Скопското кале од пред неколку дена е осветлено во сина боја.  Град Скопје претстави и промотивно видео со цел да ги запознае странските посетители со знаменитостите и убавините на главниот град.

- Навивачката еуфорија се очекува да ги исполни улиците на Скопје во деновите кои претстојат, а дефинитивно ќе кулминира на 8 август кога очите на јавноста и љубителите на фудбалот од целиот свет ќе бидат вперени кон Македонија, соопштија организаторите на придружната програма по повод Суперкупот во Скопје.

 

 

 

31.07.2017 - 15:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега