ВМРО-ДПМНЕ: Со ребалансот, Владата удри по децата и лицата со попреченост

ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека со ребалансот на буџетот, Владата удри и по најранливата категорија граѓани - децата и лицата со попреченост.

Како што рече Невенка Стаменковска, СДСМ на дело ја покажува својата негрижа и бесчувствителност.

- СДС скрати цели 28.000.000 денари од ставката за изградба, опремување и одржување објекти за социјална заштита и дневни центри за лица со попреченост. Покажа дека овие категории граѓани не им значат ништо, истакна Стаменковска на прес-конференција.

Според неа, СДСМ со ребалансот на Буџетот ја стопира изградбата на дневните центри за лица со тешка и најтешка телесна попреченост во Скопје и Битола, дневните центри за деца со попреченост во Чаир, Демир Хисар и Свети Николе, дневниот центар за рана интервенција за деца со попреченост во Карпош и дневниот центар за деца со аутизам во Скопје.

- Поради негрижата на СДС доцни и отворањето на дневниот центар за деца со попреченост во Македонска Каменица и два дневни центри за лица со попреченост и аутизам во Охрид, нагласи Стаменковска. 

Таа потсети дека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ имаше усвоено акциски план во 2017 година со конкретни рокови за отворање повеќе дневни центри. Сега, со кратењето на Буџетот и игнорантскиот однос на СДСМ кон овие лица, како што рече, изградбата и отворањето на дневните центри е оневозможена.

- Покрај овие дневни центри, ВМРО-ДПМНЕ со усвоениот акциски план имаше предвидено и отворање уште 14 нови дневни центри за деца и лица со попреченост кои требаше да се реализираат до 2020 година, проекти и планови кои сега се стопирани, дополни Стаменковска.

 

 

 

31.07.2017 - 15:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега