Илиоски: Одлуката на Апелација е сериозен и незаконски преседан
ВМРО-ДПМНЕ денеска реагира на одлуката на Апелацискиот суд за, како што велат, незаконски прибавени докази да бидат дел од постапката, со што директно се прекршува законот за кривична постапка.
- Ова е сериозен и незаконски преседан. Апелациониот суд пред неколку дена потклекна под притисокот на СДС и СЈО, донесе одлука која се коси со Уставот и законот на Република Македонија. Со скандалозната одлука судот најдиректно го прекрши законот за кривична постапка, кој во член 12 став 2 вели дека „Доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука“, изјави денеска пред Апелациониот суд Зоран Илиоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, одлуката на судот е со цел да се врши политички прогон на неистомислениците на власта и истовремено да се дефокусира јавноста од, како што рече, погрешните и антидржавните политики кои се на директна штета на македонските национални и државни интереси.
- Судиите од апелација потклекнаа на притисокот и се обидоа да создадат димна завеса која треба да ги покрие противуставниот закон за двојазична Македонија и штетниот договор со Бугарија. Тоа е целта, јавноста да се занимава со ваквиот судски срам и да се насочува да гледа кон ВМРО додека СДС ги руши сите темели на македонската држава, додаде Илиоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа