Милошоски: ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се целосно спремни за локалните избори
Конечно после многу недоумици и сомнежи распишани се и определен е датумот за локалните избори во Република Македонија. Локални избори според она што е потпишано ќе имаме на 15-ти октомври оваа година, изјави денеска на прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
-ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ е целосно спремна за настап на локалните избори каде што очекуваме со нашата програма и кадровска понуда да освоиме најголем број на гласови на локалните избори, најголем број на советници во споредба со другите политички партии и најголем број на градоначалници споредбено со другите политички коалиции. рече Милошоски.
-Ние исто така очекуваме нашиот тим кој што е создаден од Извршниот Комитет секојдневно и навремено да си ја исполни својата задача за подготовка на програмата за настап на изборите на државно ниво и подготовка на сите програми на локално ниво согласно општинските специфики кои што ги работиме заедно со потребите на граѓаните кои што ги среќаваме на терен и заедно со стручни лица од повеќе области кои што се важни за секоја локална самоуправа, рече Милошоски.
На крајот, рече тој, локалните избори на 15-ти октомври нема да бидат обични локални избори.
-Многу прашања не добија одговор од актуелната власт на Заев, Ахмети и Села. Прашањето за двојазична Македонија не беше ветено пред изборите, а денес е товар на незадоволството и достоинството на македонските граѓани. За тоа прашање исто така граѓаните ќе можат да го дадат своето мислење на 15-ти октомври, рече Милошоски.
Македонско – бугарскиот договор кој што е штетен, неспособноста да се излезе во пресрет на потребата на гасење на пожари и депонии, неспособноста да се исполни ветувањето за 100.000 денари лекарска плата, неспособноста и молчењето да се обезбедат 500 евра за просечна плата како големо изборно ветување и не давањето на одговори на прашањето зошто е направена стратегија Македонија да стане земја на бегалци и мигранти за кои што ќе се плаќа од нашиот буџет наместо да им се помага на нашите граѓани.
-Сите овие прашања и дилеми ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните и секој наш државјанин ќе можат да ги одговорат на 15-ти октомври и да го дадат своето мислење затоа што нивната оценка и нивниот глас е поважен од секое нереализирано ветување или од секоја пост изборна измама на господинот Заев.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа