ВМРО-ДПМНЕ: Неспособните СДС и Таравари не запираат со масакрот врз здравството- назначуваат докажани митаџии и криминалци за директори

Неспособната Влада на СДС и неспособниот министер Таравари влегуваат од скандал во скандал. Хаосот кој го создаваат е огромен и оди директно на штета на интересите на пациентите, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Неспособниот СДС не запира со масакрот врз здравството. По назначувањето на докажаните митаџии за директори на скопските клиники, како Јане Нетковски за кого имаше кривична пријава за мито за директор на Клиниката за уво, нос и грло, и Дејан Докиќ кој има судска пресуда за мито за директор во Клиниката за пулмологија, СДС го постави и осудениот криминелец Иван Барбов за директор на Клиниката за неврологија. Јавноста  го памети Барбов како дел од осудените во судскиот случај „Метастаза“. Барбов заедно со останатите осудени посредувал во издавање на инвалидски пензии. Според инфорамациите кои тогаш ги објавија медиумите Барбов и останатите наплаќале од 1.500 до 4.000 евра за барател, со цел нелегално издавање на инвалидски пензии. Групата на Барбов за двете години додека дејствувале според податоците кои во јавноста излегоа преку медиумите, заработиле 165.000 евра и го оштетиле Фондот за здравство за 53.000 евра, потенцираше Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Барбов, додаде тој, од страна на судот е осуден за виновен, со што му е изречена сказна, условна осуда во времетраење од две години, значи констатирана е вина и одговорност кај овој човек кој сега Заев ни го нуди за директор на клиника.

-Ова е претерано! Ова е врвно непочитување на народот и навреда на интелигенцијата на граѓаните. Со назначувањето на докажани митаџии и криминалци за директори на клиники и медицински установи им се праќа јасен сигнал на граѓаните, дека ако сакаат одредена здравствена услуга за тоа ќе треба да платат мито кај митаџиите на СДС. Дали е ова начинот на кој СДС сака да функционира здравството во Република Македонија? Дали е ова животот кој Заев го ветуваше? Граѓаните се фрапирани од кадровските решенија на Таравари и Заев. Кадровските решенија на СДС не се професионални, туку партиски. Таравари очигледно е решен за директори на клиниките да поставува лица кои ја поминала познатата школа на  Заев- „евро за црквата, евро за Вицето“, подвлече Костовски.

Граѓаните, додаде тој, се во шок и неверување од начинот на кој СДС го третира македонското здравство.

-СДС ја понижи медицинската професија во Република Македонија, СДС ги деградира сите лекари кои чесно и одговорно си ја вршат својата работа и должност со назначување на докажани митаџии за нивни директори. Заради ваквата неодговорност и неспособност СДС ќе се соочи со политичка одговорност на следните локални избори и ќе биде целосно делегитимиран од страна на граѓаните.

 

 

 

 

07.08.2017 - 12:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега