Шабан Салиу: На Македонија и треба реорганизација на системот за заштита и спасување

Од 270 вработени во Дирекцијата за заштита и спасување, 60 до 80 вработени секојдневно биле на терен вклучени во гасењето на пожарите што ја зафатија Македонија, вели во интервју за Прес24, директорот на ДЗС, Шабан Салиу. Иако проценките од терен се дека надлежните институции не одговорија соодветно на предизвикот од пожарите, Салиу смета дека Дирекцијата била на ниво на задачите.

Дирекцијата за заштита и спасување со своите 35 ПОЗС низ целата територија на Република Македонија има вкупно 270 вработени, 60 до 80 вработени секојдневно беа вклучени на терен во гасење на пожарите кои ја зафатија територијата на Република Македонија. Јас лично смета дека максимално, одговорно и навремено одговоривме на сите предизвици и на сите барања за помош доставени до нас од страна на градоначалниците на сите општини, вели Салиу во интервју за Прес24.

Директорот на ДЗС, кој долги години е на оваа позиција, смеата дека трита Ер-Трактори, авиони за гасење пожар од тој тип се соодветни за држави како Македонија, но според него неопходно е државата да набави најмалку уште три такви. Не прецизира кои се инвестиции се потребни во оваа институција, но смета дека Македонија треба да ги следи светските трендови на справување со пожари.

ДЗС и Центарот за управување со кризи изминативе денови честопати имаа различни позиции за состојбата на терен. Салиу смета дека крајно време е да се воспостави реорганизација на овие институции и да се организира еден центар кој ќе функционира.

- Сметам дека сите реорганизации на системот за заштита и спасување кои ќе донесат подобрување на самиот систем, а е во интерес на безбедноста на граѓаните на Република Македонија од мене лично ќе биде подржан, вели Шабан Салиу, директор на ДЗС во интервју за Прес24.

ПРЕС24:  Македонија и годинава ја зафати бран на силни пожари, кои речиси секога година се повторуваат во летниот период. И оваа година јавноста смета дека надлежните институции потфрлија. Кои се вашите оценки? Дали надлежните, пред се Дирекцијата за заштита и спасување успеа соодветно да одговори на овие предизвици?

САЛИУ: ДЗС во рамките на своите законски надлежности во текот на целата година работеше на превенција од сите природни непогоди со посебен акцент на поплави и пожари, а во текот на летото ги вклучи сите свои материјално-технички и човечки ресурси. Јас лично смета дека максимално, одговорно и навремено одговоривме на сите предизвици и на сите барања за помош доставени до нас од страна на градоначалниците на сите општини.

ПРЕС24: Овие дваесетина дена додека беснеат пожарите, перцепцијата е како Владата и Дирекцијата да не се најсоодветно координирани. Имаше ли пропусти во координацијата?

САЛИУ: ДЗС е единствен оперативен орган на владата на Република Македонија, која успешно се справува со сите природни непогоди и е во секојдневна координација со Владата.

ПРЕС24: Еве сега Владата прогласи кризна состојба во две општини. Дали Дирекцијата беше консултурана за оваа одлука?

САЛИУ: Заменик директорот Екрем Зендели присуствуваше на состанокот и лично беше запознаен со одлуката за прогласување на кризна состојба во двете општини.

ПРЕС24: Минатата недела, пратеничката на СДСМ, Фросина Ременски жестоко Ве нападна, префрлувајќи ја вината кај Вас и претходната влада дека целиот систем за заштита е нефункционален?

САЛИУ: Разговорот воден помеѓу мене и госпоѓата Фросина Ременски од СДСМ не го сметам како напад, туку како водење на дијалог со цел на унапредување и подобрување на целиот систем за заштита и спасување и за запознавање на пратеничката со моменталната состојба.

ПРЕС24:  Колку вработени има Дирекцијата и колкумина од нив се вклучени овие денови во активности за гасење на пожари?

САЛИУ: Дирекцијата за заштита и спасување со своите 35 ПОЗС низ целата територија на Република Македонија има вкупно 270 вработени, 60 до 80 вработени секојдневно беа вклучени на терен во гасење на пожарите кои ја зафатија територијата на Република Македонија.

ПРЕС24:  Вие сте долго време директор на Дирекцијата, со промената на власта најверојатно дирекцијата ќе добие нов директор. Сакам да Ве прашам, како Вие ја оценувте кондиционата, стручната подготвеност на луѓето во дирекцијата, а од друга страна опременоста на оваа институција за справување со прородни непогоди?

САЛИУ: ДЗС има центар за обука кој секојдневно врши успешни обуки на тимовите за заштита и спасување, просторните сили за заштита и спасување и сите други субјекти вклучени во системот за заштита и спасување. Што се однесува до опременоста можам да кажам дека секогаш има простор за уште повеќе опремување, а тоа зависи од финансиската моќ на државата.

ПРЕС24:  Во минатото беа набавени два авиона за гасење на пожари. Некои велат дека тие се малку, други пак дека тој тип не е соодветен за држави какви што е Македонија (планиснки региони). Зошто изминативе години не било дополнително инвестирано во јакнење на оваа институција?

САЛИУ: Набавени беа три авиони за гасење на шумски пожари и истите се со носивост од 3100 литри вода. Персоналот е стручен и обучен за успешно гасење на шумски пожари и сметам дека тој тип е соодветен за држава каква што е Македонија, а што се однесува до бројот идеална бројка би биле 5 до 6 авиони.

ПРЕС24:  од Ваша гледна точка, што и не најнеопходно на Дирекцијата во монетов?

САЛИУ:  На ова прашање е премногу комплексен и обемено и мислам дека не може да се одговори со неколку реченици. Според мене треба да се следат новите трендови на обучување и опремување на државите членки на ЕУ.

ПРЕС24:  Покрај дирекција за заштита и спасување во Македонија функционира и центар за управување со кризи. Честопати овие институции како да се некоординирани. Дали можеби е време за реорганизација на целиот овиј ситем и создавање едно тело кое ќе има и моќ и капацитет да одговори на предизвиците од елементарни непогоди?

САЛИУ: Сметам дека сите реорганизации на системот за заштита и спасување кои ќе донесат подобрување на самиот систем, а е во интерес на безбедноста на граѓаните на Република Македонија од мене лично ќе биде подржан.

ПРЕС24:  Какви се вашите проценки, анализи која е причината вака наеднаш да се појават огнени жаришта не неколку локации во државата?

САЛИУ: Како што неколку пати имам истакнато пред медиумите, дека според мене и податоците со кои располагам, главна причина е човечкиот фактор дали од негрижа или намерно.

ПРЕС24:  Сомнежот секогаш е дека станува збор за подметнати пожари, но дали досега институциите откриле и санкционирале лица кои учествувале во подметнување на пожари?

 

САЛИУ: Минатата година во два случаја од страна на Македонски шуми, покренати се кривични пријави против лица кои предизвикале шумски пожари, оваа година се уште не е покрената ниту една кривична пријава.

 

 

 

10.08.2017 - 09:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа