Расправа за разрешување на Зврлевски, ќе продолжи по процедурална пауза

Собранието на Република Македонија денеска ја продолжи шестата седница со општа расправа по Предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски. На процедурално барање од пратеничката Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ дадена е пауза од еден час по што ќе продолжи расправата.

Предлогот за разрешување на Зврлевски е поднесен од Владата поради, како што се наведува во образложението, незаконито, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата. Исто така, во документот се наведува и дека Зврлевски со своето однесување и дејствување покажал дека не е способен за извршување на функцијата, како и поради тоа што не поднел барање за покренување кривична постапка за случаи предвидени со закон и нарушување на угледот на функцијата.

Барањето за разрешување, Владата го достави и до Советот на јавни обвинители кој на седница го прифати таквиот предлог.

На почетокот на денешната седница во процедурално барање пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ побара точката на дневниот ред да се стави во мирување, бидејќи, како што рече, и да заврши расправата по неа во салата нема доволно пратеници да се гласа што се потврдува и со бројот на оправдано отсутни пратеници што го прочита претседателот на Собранието Талат Џафери.

На тоа  Џафери му одговори дека не е потребно присуство на мнозинство пратеници за да продолжи расправата, туку само кога се одлучува, односно гласа.

Во своето обраќање Нада Ципушева од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека Советот на јавни обвинители не дал никакво образложение за барањето за разрешување на Зврлевски и додаде дека во сите извештаи неговата работа била оценета како позитивна.

- Нема претставки, позитивно се оценети извештаите, а сепак Советот го потврдува барањето на Владата, рече Ципушева.

По нејзиното обраќање следеше серија од реплики и контрареплики од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во кои беше посочено дека противзаконски се дискутира за разрешување на Зврлевски, бидејќи, како што оценија, кога ќе се распишат избори сите постапки за разрешување се ставаат во мирување. Дискусијата, потенцираа, е со цел да се дефокусира јавноста од моменталните проблеми со кои се соочува државата.

Во реплика независниот пратеник Павле Богоевски потенцира дека за сите битни точки може да се расправа по завршувањето на точката на дневен ред.

- На 10 јули ја почнавме седницата, а уште расправаме за Зврлевски. Со месеци одолговлекувате, но Зврлевски ќе биде разрешен и сите одговорни за криминал ќе одговараат, рече Богоевски. 

По говорот на Богоевски следеше реакција од пратениците од опозицијата, а во процедурално обраќање Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека го осудува говорот на омраза што, како што рече, го практикуваше Павле Богоевски во своето обраќање и побара од спикерот Џафери да го санкционира таквото однесување. Неговата сопартијка Даниела Рангелова, пак, во процедурално обраќање побара пауза од еден час по што треба да продолжи расправата. 

 

 

 

11.08.2017 - 12:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега