Скопје доби нов Центар за жртви на семејно насилство

Министерството за труд и социјална политика со финансиска поддршка на Канцеларијата на УНДП,  а во соработка со Општина Гази Баба,  отвори нов Центар за лица - жртви  на семејно насилство на подрачјето на оваа општина.

Центарот за лица - жртви  на семејно насилство, кој беше промовиран денеска, ќе обезбедува дневно и привремено прифаќање и згрижување на овие лица, кое може да трае најмалку три месеци со можност за продолжување до една година, ќе дава советодавни услуги, услуги во врска со исхрана, дневен престој, одржување на хигиена и соработка и поддршка од граѓански организации.

- Центарот ќе им помогне на лицата жртви на семејно насилство, за одреден период да бидат одвоени од средината во која се случило насилството, ќе им даде услуги од стручната советодавна работа, заради надминување на последиците од насилството и ќе им помогне да се оспособат за различни социјални вештини, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Додаде дека Центарот за лица жртви на семејно насилство е наменет за сместување и згрижување на жените и нивните деца, при постоење на отворена опасност  и закана за нивниот живот и здравје, примена на физичка сила, закана или заплашување од друг член на семејството, како и при отсуство на ресурси во семејната средина за прифаќање на жртвата.

Според него, отворањето на вакви центри се дел од системското решавање на проблемот на семејното насилство, но како што рече, потребно е и паралелно да се работи и со сторителите на насилството.

- Затоа, во рамките на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје формирано е Советувалиште во кое ќе се работи со сторителите на насилството. Тоа има за цел да го спречи насилното однесување на сторителот на семејно насилство, да му помогне да воспостави самоконтрола над своите емоции и однесување, да увиди дека се однесува насилно и да прифати одговорност ..., рече Спасов.

Насилниците на советување ќе бидат упатувани со налог на суд кој ќе ја води постапката.

Советувалишта, додаде тој, МТСП планира да отвори во Битола, до крајот на 2013 година и во  Кичево во 2014 година.

Министерството за труд и социјална политика досега има отворено четири Регионални центри за лица жртви на семејно насилство во: Скопје, Битола, Кочани и Свети Николе. 

22.08.2013 - 15:07

најчитано сега