Собранието по паузата ќе продолжи со расправата за разрешување на Зврлевски

 

 Собранието на Република Македонија денеска го одржува 10-тото продолжение на 6-тата седница на која се расправа за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски. Расправата и денеска се состои од серија реплики и контрареплики од пратниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на обраќањето на пратеникот Горан Манојловски од ВМРО-ДПМНЕ.

Предлогот за разрешување на Зврлевски е поднесен од Владата поради, како што се наведува во образложението, незаконито, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата. Исто така, во документот се наведува и дека Зврлевски со своето однесување и дејствување покажал дека не е способен за извршување на функцијата, како и поради тоа што не поднел барање за покренување кривична постапка за случаи предвидени со закон и нарушување на угледот на функцијата. 

За пратениците од опозицијата барањето е неосновано и неаргументирано. Тие се повикуваат на членот 8а од Изборниот законик со кој, како што велат, е истакнато дека сите постапки за назначување и разрешување функционери не смеат да се случуваат кога се распишани избори. Согласно тоа, порачуваат, нема можност за разрешување на Зврлевски пред 16 октомври.

Пратениците од мнозинството во Собранието, повторно најавија дека ќе се откажат од нивните говори со цел побрзо законски и легално да биде разрешен Зврлевски и да биде избран нов државен јавен обвинител за да почнат реформите во правосудството.

Според координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев, членот 8а  не може да се примени за Зврлевски, бидејќи нему нема да му се прекине работниот однос, туку само ќе му се одземе функцијата државен јавен обвинител и ќе продолжи да биде само јавен обвинител.

Во процедурално обраќање пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека членот 8а важи подеднакво за сите.

Расправата ќе продолжи по редовната пауза.

На дневен ред на оваа седница се над 30 точки, меѓу кои и Годишниот извештај на Народниот правобранител за почитувањето, унапредувањето и заштитата на човековите слободи и права, Информацијата за состојбата со дивата депонија во Струга, Годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, Финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2017 година, Предлог-одлуката за одобрување на Финансискиот план на Македонската радио телевизија за 2017 година, Предлог-одлуката за давање согласност на предлогот на годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2017 година

 

 

 

14.08.2017 - 14:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега