Груевски меѓу граѓаните- срдечен пречек во мавровско реканскиот крај: Си останавте на зборот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски вчера имаше богата работна агенда- оствари посета на повеќе населени места од мавровско-реканскиот крај и регионот на Центар Жупа, каде срдечно беше пречекан од страна на жителите.

Одговарајќи на новинарско прашање при вчерашната посета, Груевски истакна дека економијата сега стагнира, а она што ја вади се странските компании кои ги донесе ВМРО-ДПМНЕ.

-Во овие месеци откако е дојдена новата власт има стагнација во многу работи во државата поврзани со економијата. Економијата генерално стагнира, она што ја вади и што ја влече се странските компании кои ги донесовме во Македонија, меѓутоа, нема нова инвестициона активност, нема нови компании кои што доаѓаат, кои ќе донесат нов раст на Бруто општествениот производ, истакна Груевски.

Според него, загрижува тоа што има силен пад кај градежништвото во овие два месеци.

-Погледнете, патот меѓу Кичево и Струга е речиси целосно запрен со работа. За работи за кои не треба да се запрат, работи кои се решаваат. Сериозно е намелена активноста на патото од Скопје кон Штип. А патот од Смоквица до Демир Капија не се пушта во употреба за да помине некое време и да може новата власт да каже дека и таа нешто направила во овие месеци, појаснува Груевски.

Вели дека е нормално кога шест месеци не се пушта автопатот, луѓето да помислат дека се уште се работи на него.

-Всушност, таму се заврши патот, се асфалтираше уште во месец мај, беше останата само сигнализацијата која требаше за еден месец да биде завршена и сега ќе ја тегнат шест месеци, може и повеќе за да изгледа дека и тие нешто сработиле и завршиле. Наместо сега граѓаните да се возат низ тој пат, да се возат низ автопат со шест ленти во кој државата инвестираше, сега се чува затворен, се завлекуваат оние завршни работи на сигнализацијата да се покаже дека ете и новата власт нешто работи, потенцира Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи и дека под прашање се доведени околностите околу градењето на патот Градско – Прилеп.

-Секаде наоѓаат некакви ситни проблеми кои што во времето кога ние ја водевме Владата ги решававме во рок и не го замаравме луѓето со нив. Додека на едно место се гради, на друго место се префрла кабел или некој далелкувод се преместува или нешто слично и воопшто јавноста не се заморува, ниту пак се запира проектот. Сега се бараат причини да се запре за да се покаже дека нешто направиле, да се покажат активност која што всушност, сериозно ја немаат. Така што, сериозно има намалување на активноста во градежништвото, што го намалува и бројот на вработувања во градежништвото, истакна Груевски.

Вели дека генерално, економската активност е забавена.

-Имаме намалување на девизните резерви за 172 милиони евра за само два месеци, во месец јуни и во месец јули, а нема инвестиции во капитални работи. Не се гради нешто за да речеме „еве се движат работите, па се намалиле девизните резерви“. И не само патиштата, и многу други инвестициони капитални објекти се запреа, на пример, се беше подготвено да почне градбата на Драмскиот театар во Скопје, Универзалната сала во Скопје, Скупи, оној монументален објект што требаше да биде изграден со анфитеатарот, во Охрид, Домот на културата, односно Театарот, појаснува Груевски.

Рече дека сè е запрено, сè што почнала или требало да го почне владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, и тоа само затоа што е од ВМРО-ДПМНЕ.

-Не е важно дали им е потребно на граѓаните, дали е корисно, дали некој театар се распаѓа во скапани бараки од пред 50 – 60 години, дали луѓето имаат потреба од нешто, важно е штом ВМРО го ветило и ги започнало подготвките, сега треба да се запре за да луѓето не помислат дека ете ВМРО нешто направило. А всушност, се запира економијата на тој начин, потенцира Груевски.

Тој посочи и дека е загрижен за бруто домашниот производ во третиот квартал. Како што рече, вториот квартал до некаде ќе биде извлечен од оние два месеци, април и мај кои беа под власт на ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа, вели Груевски, јуни веќе има сериозно забавување.

-Но, веќе јули, август, септември ќе се почувствува забавувањето на економијата. Нема нови фабрики, нема нови работни места, нема нови капитални градежни инвестиции во државата. Старите се запираат затоа што ги ветило или започнало да ги гради ВМРО-ДПМНЕ, ниту една добра идеја што ВМРО ја промовираше, рече Груевски.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ во минатото било критикувано поради тоа што не прифаќало многу амандмани на опозицијата, а сега СДСМ не прифати ниту еден амандаман на ВМРО-ДПМНЕ.

-Ниту дел од нашата програма не се разговара, а камо ли да се прифати. На пример, имавме еден прекрасен проект за рурални развојни зони, во кој баш во овие места во кои сум денеска, Центар Жупа, Ростуше, Жировница, Горно Косоврасти, Могорче, Маврови Анови – баш во овие места секој што ќе изградеше фабрика ќе беше ослободен од персонален данок на доход, плаќање на данок на добивка, ќе му беше платено делумно платено за изградба на фабриката и вработување на секој нов вработен. Се се отфрли, само затоа што ВМРО-ДПМНЕ го предлага. Тоа не е во ред, тоа луѓето брзо ќе го почувствуаат, појаснува Груевски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна и дека во моментот тоа можеби и не се чувствув, но оти граѓаните многу брзо ќе го почувствуваат.

-Ќе се почувствува намалената економската активност. Нема фокус на таа работа. Луѓето кои што беа експерти за изнаоѓање на инвеститори, независно дали се странски или домашни се отстранија, се донесоа луѓе кои немаат искуство за таква работа, немаат знаење за таква работа, а треба да обавуваат такви активности, а не ги обавуваат.Немаат експертиза, тоа не е едноставна работа. Не може секој да ја обавува таа работа, вели Груевски.

Потсети дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ носела луѓе кои имаат долгогодишно работно искуство со инвестции, луѓе кои дошле од Њујорк, од Чикаго, од Лондон, од Германија.

-Луѓе кои 15 – 20 години работеле на инвестиции, на крупни меѓународни инвестиции, кои знаат како треба да се преговара со големите мултинационални компании, што тие очекуваат, што тие бараат. Сега се избркаа тие луѓе, се донесоа луѓе кои имаат свои гранапчиња, продавничиња, мали фирми кои никогаш не излегле од границите не Република Македонија, а добар дел од нив не го познаваат ниту англискиот јазик или кој било друг странски јазик за да комуницираат со компаниите ои треба да ги донесат или треба да ги задржат. Тоа ме загрижува, среќната околност во целата работа е што донесовме многу компании кои секоја година имаат план за зголемување на бројот на вработени и тука ќе се малку изредчи работата, потенцира Груевски.

Според него, компаниите кои биле донесени од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја извадат ситуацијата, но оти е лошо што нема нови инвестиции.

Груевски, одговарајќи на друго прашање во однос на пензиите, истакна дека пензионерите не може да се манипулираат и оти СДСМ не ги зголемува пензиите, туку го спроведува законот.

Еден посто зголемување на пензиите не е зголемување на пензиите, тоа е законско усогласување со пораснатите трошоци на живот. Значи СДСМ не ги зголемува пензиите, туку го спроведува законот, бидејќи секоја година пензиите мора да се усогласат со зголемените трошоци на живот, рече Груевски и додаде:

„Зголемување на пензиите е тоа што ние го правевме речиси секоја година, 5 посто, 5% добиваа зголемување во просек. Тоа го направивме потоа да биде 670 денари за да тие со помални пензии земат повеќе, а тие со поголеми пензии да земат нешто помалку, затоа што беа во многу лоша состијба тие со помали пензии. Така што зголемување на пензиите нема. Тоа што излезе министерката да се пофали дека еден посто, па наместо да каже месечно дека е 120 денари, го кажа годишно колку ќе биде, за да изгледа некоја поголема сума и мислејќи дека 300.000 пензионери во Македонија не разбираат ништо и дека може да ги манипулира на тој начин прикажувајќи им дека има зголемување, тоа е една голема манипулација која што уште првиот ден, уште првите 5 минути пензионерите ја сфатија.

„300.000 пензионери во Македонија очекуваа оваа година да има како што имаше речиси секоја година, па дури и во кризни години, 5 посто зголемување на пензиите или во просек 670 денари. Ако го гледаме ние тоа годишно, тоа се над 8.000 денари, тоа е една просечна пензија во Македонија. Тоа е зголемување на пензиите, а не тоа што е по закон и што мора да го направите да си го прикажете како зголемување. Но, тоа пензионерите го разбираат и тоа ќе го казнат на следните избори“.

Инаку, вчерашната посета ја започна од Маврови Анови во 12:40 часот, по што беа посетени и други населени места од овој регион.

 

 

 

 

20.08.2017 - 12:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега