Коѕиас во Скопје главно ќе разговара за Мерките за градење доверба

Посетата на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас на Скопје на крајот на месецов ќе биде добра можност да се рaзменат мислења за последните случувања во регионот, но и уште повеќе да се промовира соработката меѓу двете земји и изградбата на клима на доверба.

Ова го велат грчки дипломатски извори кои повторуваат дека грчкиот дипломат со автомобил ќе патува од Солун за Скопје затоа што нема авионски летови меѓу Грција и Македонија поради името на скопскиот аеродром - „Александар Велики“.

За време на престојот во Скопје, Коѕиас ќе има средба и работен ручек со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, како и неколку состаноци со македонските власти.

Според истите дипломатски извори, кои ги пренесуваат грчките медиуми, главна тема во разговорите на Коѕиас во Скопје ќе биде имплементација и проширување на Мерките за градење доверба со цел да се помогне за подобрување на односите меѓу двете земји.

Грција, како што повторуваат претставници на грчкото МНР, „останува посветена на подобрување на соработката меѓу двете земји, придонесувајќи за консолидација на култура на консензус и компромис со цел стабилност внатре во Македонија и на регионално ниво“. 

 

 

 

25.08.2017 - 12:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега