Таравари: Ќе продолжи поддршката за изградна на објект на болницата во Штип

Министерот за здравство Арбен Таравари по посетата на штипската Клиничка болница изјави дека изненаден од лошите услови и најави реновирање на постоечкиот објект за малку да се подобрат условите додека заврши изградбата на новиот објект на болницата. 

- Денеска се згрозив што видов, значи видов тоа што никогаш не сум го видел во ниту една болница, 20 години сум лекар. Не знам дали има полоша болница и полоши услови од штипската Клиничка болница, рече Таравари на средбата со новинарите по посетата на Клиничката болница-Штип.

Како што кажа, шокиран е од условите во кои се лечат пациентите и во какви услови лекарите и медицинскиот персонал работат и им пружаат здравствени услуги на потенцијални 200.000 пациенти од Источниот регион.

- Веднаш тоа ме асоцира на центарот на Скопје, на луксузот на Владата, ме асоцира на условите и авангардата во Парламентот. Тие луѓе што го изградиле тој центар, што вложиле милјарди и што изградија такви луксузни услови во Владата и Парламентот, дали воопшто доаѓале некогаш ваму? За жал, ќе кажам дека граѓаните на Штип знаат што е вистината и како изгледа болницата, рече Таравари.

Смета дека е добро што е почнат новиот објект на Клиничката болница.

- Ние како Влада ќе го поддржиме овој објект што побрзо да се заврши. Јас се надевам дека во 2019 година пациентите и докторите ќе работат во достоинствени услови, вели Тарвари.

Министерот најави дека додека се изгради новиот објект ќе се извршат одредени реновирања во болницата, која е стара околу еден век.

- Ќе направиме, барем овој период од година, година и пол колку што може, бидејќи поголема инвестиција не се планира тука, барем да се подобрат малку условите, да се стават клими, да се искречи нешто. Хигиената иако зградите се стари е перфектна. Морам да го пофалам директорот, вели Таравари.

Прашан за дефицитот на медицинскиот и технички кадар, Таравари вели дека во текот на наредниот период ќе бидат примени волонтери, а се со цел пациентите да имаат достоинствено лекување во штипската Клиничка болница.

Министерот за здравство забележа дека санирани се и дефектите на медицинските апарати, а од страна на лекарите и медицинскиот персонал добил и листа на потребна апаратура коишто, како што рече Таравари, наскоро ќе бидат обезбедени.

 

 

 

25.08.2017 - 17:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега