Празникот Успение на Пресвета Богородица одбележан во Лешок

 

Со голем црковно-народен собир во манастирскиот комплекс „Свети Атанасиј“ во Лешок денеска се одбележа празникот Успение на Пресвета Богородица или во народот познат како Голема Богородица.

Празнувањето почна уште синоќа, а продолжи и денеска кога митрополитот тетовско – гостиварски господин Јосиф заедно со повеќе свештеници од Тетовското архиерејско намесништво на МПЦ – Охридска архиепископија отслужи света архиерејска литургија.

Верниците ги посетуваат двете цркви во овој манастирски комплекс, „Свети Атанасиј“ и старата „Света Богородица“ која потекнува од десеттиот век.

- На денешен ден Богородица се упокоила, како и сите луѓе што се упокојуваат. Гледано од човечки аспект секоја разделба предизвикува жал, тага и воздишка, но ние денес овој празник го чествуваме со неизмерна радост. Со црковни песни ја величаме разделбата на Богомајката од апостолите и христијаните бидејќи празникот на богородичното успение всушност е продолжување на чествувањата и прославување на воскресението на нашиот Господ Исус Христос. Овој празник е уште еден патоказ за вистинскиот пат по кој врвиме – патот до вечноста. Затоа светата Црква денеска не тагува, туку денеска се радува бидејќи смртта на Богородица е живоносна веселба во небесниот и бесмсртен живот, рече во својата беседа пред присутните верници митропилитот тетовско гостиварски господин Јосиф.

По завршувањето на црковниот дел, верниците од Тетовско како и повеќе други места во државата и дијаспората масовно се собраа во црковниот двор од Лешочкиот манастир, каде продолжија со веселбата.

Како знак на препознавање на одбележувањето на овој празник е и синоќешното одржување на Фестивалот на новосоздадена македонска народна песна „Лешочки фолк фест“. На годинашното издание настапија дваесттина естардни уметници и групи. 

 

 

 

 

28.08.2017 - 14:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега