Османи: Скопје и Атина со јасни сигнали дека ја менуваат досегашната пат-позиција

Скопје и Атина во последно време даваат јасни сигнали дека имаат на ум да ја сменат досегашната политичка пат - позиција и да работат на градење на доверба меѓу двете општества, оценува вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи во интервју за грчкиот весник „Ефимерида“.

Во интервјуто, вицепремиерот Османи се осврнува и на утрешната посета на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас на Македонија, на односите со Србија, како и со останатите соседи. 

1. Како ги коментира вашата Влада последните случувања во врска со односите со Белград?

- Односите меѓу Белград и Скопје веќе ја надминаа фазата на коментари, а мерките за враќање на односите во нормала веќе се спроведуваат. Го поздравувам фактот што српскиот државен врв реши да го врати персоналот во амбасадата, и според најавите кои доаѓаат од таму, состојбата веќе се нормализира. Можеби најдобра илустрација и коментар за состојбите меѓу Белград и Скопје дојде од еврокомесарот Хан, кој на средбата на лидерите на земјите од Западниот Балкан го поздрави фактот што двете земји и Македонија и Србија, успеаја да го затворат овој проблем без посредници. Тоа е новиот политички тренд на Балканот кој ние како земја сакаме да го предводиме.

2. Ваквите случувања како со Белград, и покрај тоа што релативно брзо се решија, какво влијание може да има врз напорите на владата Заев да создаде нови подобрени односи со соседите, како што се декларира?

- Секако дека никој не посакува вакви дипломатски скандали, ниту недоразбирања со соседите. Сепак, се работи за изолиран инцидент кој претставува избрзана реакција поради недостаток на комуникација, отколку реално загрозување на односите меѓу двете земји, а тоа најдобро го покажаа реакциите на граѓаните на двете земји на социјалните мрежи, кои во најголем дел беа во насока на исмевање на состојбата отколку некаква загриженост поради нарушувањето на односите. Во таа смисла очекувам сите политички процеси во Република Македонија да продолжат со несмален интензитет, меѓу кои, секако, и спроведувањето на Планот 3-6-9, како и градење на мерки на доверба, затворање на отворените прашања, што секако ќе резултира и со унапредување на односите со сите соседи.

 

3. Скопје и Софија овој месец потпишаа, договор за пријателство, добрососедство и соработка. Познавајќи ги историските проблеми меѓу Македонија и Бугарија, се разбира, дека овој договор беше успешен, но, исто така, мислам дека е производ на компромис од двете страни, кои на крајот немаше победниците и губитници. Дали тоа навистина е така?

- Договорот за добрососедски односи меѓу Македонија и Бугарија е токму тоа што насловот го укажува – договор меѓу добри соседи. Македонија и Бугарија покажаа дека балканските земји можат да излезат од наметнатиот стереотип на недозреани општества кои немаат капацитет да договорат и најосновни правила на меѓусебна комуникација и да се однесуваат како добри соседи. Македонија и Бугарија успеаја да направат добар договор, договор кој несомнено е широко прифатен и од граѓаните на двете земји, договор кој е израз на сериозноста и политичката зрелост на државните раководства и договор кој суштински ги затвора досега отворените прашања меѓу двете земји.

4. Атина и сега последно ја одби кандидатурата на Скопје за да стане земјата членка на НАТО под привремената референца (ПЈРМ). Грчкиот министер за надворешни работи го потврди предлогот за изнаоѓање на компромис. Што би можело да биде за Скопје можен компромис во времето кога и претседателот на ДУИ, Али Ахмети изјави дека и од негова страна ќе работат што побрзо да се најде компромис.

Односите меѓу Скопје и Атина долго време имаа зацементирани позиции на целосна недоверба и нивно менување не може да се очекува да се случува голема брзина. Тоа е како движење на оние најголемите товарни бродови, на кои им треба долго време и многу енергија за да го променат правецот на движење. Добро е што со своите постапки, и Скопје и Атина, јасно покажаа дека имаат намера да ја менуваат досегашната политичка пат позиција и да работат на мерки и активности за изградба на доверба меѓу двете општества. Изградбата на поголем степен на доверба е клучниот сегмент во политиката кој може да влијае на промената на курсот во меѓусебните односи. Во таа смисла очекувам конкретни чекори од страна на двете земји, а во насока на зајакнување на довербата, и мое мислење е дека тоа ќе резултира и со напредок во европските и евро-атлантските интеграции на Република Македонија, дури и пред да имаме конечно затворање на спорот за името на нашата земја.

5. Обновувањето на процесот за интеграција во НАТО и ЕУ е еден од актуелните приоритети на Владата на Република Македонија. Иако прашањето за името е веројатно главната пречка, дали постои "патна карта" во оваа насока?

- Не знам дали може да се нарече „патна карта“, но ние, како Влада, имаме политичка стратегија која повеќе пати јавно сме ја кажале. Нашиот пат се всушност две траектории кои имаат заедничка цел – добивање покана за членство и зачленување во Европската Унија и НАТО. Едната траекторија значи отстранување на сите внатрешни пречки и имплементација на потребните реформи, за што се изготви и се имплементира Планот 3-6-9. На втората траекторија се наоѓаат отворените политички прашања со соседите, каде имавме одличен напредок со потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија, за што зборував погоре одговарајќи на претходните прашања. Во таа смисла, целта е да се затворат практично сите отворени прашања и да се отстранат сите пречки кои стојат на патот на нашите европски интеграции, за да се остави можност за посконцентриран фокус кон решавањето на спорот со Грција, кое секако претставува најтешко прашање, кое, поради долгогодишната злоупотреба од страна на политичките претставници на двете земји, е премногу обременето со емоции, нелогичности и неразумност. Затоа, пристапот при решавањето на ова прашање треба да биде повнимателен, и истото ќе се затора постепено, паралелно со изградбата на довербата меѓу двете општества.

 

6. Иако имате малку време на функцијата вицепремиер за европски прашања, која е перцепцијата што сте го констатирале кај вашите соговорници од земјите-членки на ЕУ, околу спорот со Грција на прашањето за името?

- Сите мои соговорници, вклучувајќи го тука и Брисел, но и други центри на одлучување, ми имаат предочено, дека проблемот, или прашањето, не може да се реши без волја и компромис од двете страни. Често ја користам, дури и во други прилики, убавата грчка поговорка: „Кој гледа назад, и оди назад“. Сакам да кажам дека како Влада сме посветени на воспоставување нова клима во односите со соседите, и поаѓајќи од ова, имаме сигнали дека сега и има нова клима која овозможуваа полесно решавање на овој спор со нашиот сосед Грција.

7. Климата во меѓудржавните односи Атина и Скопје е повторно тензична во последните неколку дена. Во врска со присуството на Македонскиот конзул на еден настан во Торонто, грчкото министерството за надворешни работи остро реагираше, истакнувајќи дека "и покрај промената на луѓето се чини дека иредентизмот останува доминантна во национална политика и секојдневна пракса во соседството." Имате ли коментар за тоа?

- Рецидивите од минатите политики на незрели, неразумни и необјасниви активности, сѐ уште се влечат во државава и тие не може да се надминат само со промена на власта. Нашиот министер за надворешни работи, Никола Димитров реагираше навремено и смирено, и овој скандал не успеа да поприми димензии од минатото. Се надевам, дека овој инцидент ќе биде последен.

8. Следната недела во Скопје ќе пристигне грчкиот министер за надворешни работи. Дали мислите дека тоа ќе биде плодна посета, или едноставно еден протоколарен чин за возврат на посетата од македонскиот министер за надворешни прашања Никола Димитров во Атина.

- Посетата на Коѕијас на Скопје ја сметам за логичен след на настаните, имајќи ја предвид нашата стратегија за отстранување на пречките за нашите евроинтеграции. Сега ни преостанува решавање на спорот со употребата на името на нашата земја со вашата земја. Јас и лично ќе го известам шефот на грчката дипломатија, за нашата намера да отпочнеме со мерки и активности за градење доверба меѓу нашите Влади и нашите земји. Сметам дека во една таква атмосфера, на подобрена политичка клима, решавањето на спорот со името ќе биде полесно. Да повторам, ние посветени и заинтересирани да имаме подобри меѓусебни односи.

 

 

 

30.08.2017 - 17:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега