Стојановска: Министерката сè уште не одговори како ќе вработува бегалци и странци кога 218 илјади граѓани бараат работа

Власта креира хаос и неизвесност. Во налетот на брзоплети „реформи за живот“, неспособната влада на премиерот Заев ја предложи и Стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027 како и Акциониот план, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Деновиве, странските и домашните медиуми јавуваат за одлуката на Европската Унија да ги врати мигрантите назад во земјата на прв влез. Би сакале јавно да ја прашаме министерката Царовска и премиерот Заев, дали имаат сознанија колку бегалци ќе се вратат назад преку нашата држава и дали Република Македонија е подготвена за тој процес? Досега министерката не се одважи да и’ погледне во очи на јавноста и да ја образложи нацрт-стратегијата како и да одговори на прашањата како државата ќе вработува бегалци и странци кога се уште 218 илјади граѓани, внимавајте 218 илјади граѓани на Република Македонија бараат работа, истакна член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Анета Стојановска Стефанова.

Посочи дека не сака да бидат погрешно разбрани и обвинети за ксенофобија, нагласувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ сочувствува со болката на бегалците кои бегаат од воените жаришта, но како што рече, Република Македонија едноставно нема ресурси за нивно трајно згрижување.

-Јавноста очекува одговор и има право да знае ако Стратегијата и  Акциониот план се необврзен „патоказ“ како што изјави министерката Царовска, зошто тогаш во овие документи, а тоа се Стратегијата и Акциониот план зошто  се предвидуваат следниве работи: Да се зголеми обемот на социјални станови достапни за сместување за бегалците, да се подготват наставни програми за интеграција на бегалците или курсеви за ориентација кои вклучуваат информации за социјалниот и културниот живот, за историјата како и за политичкиот систем во Македонија, со цел зголемена вработливост на бегалците односно обезбедување работа потребно е согласно оваа Стратегија и согласно овој Акционен план да се подготви и образовен модул односно да се одржуваат часови кои што ќе бидат прилагодени за странците, исто така Акциониот план предвидува да се обезбеди формална рамка за протоколот за признавање на универзитетските дипломи и признавање на научните квалификации на бегалците и странците. Се разбира ако овој акт е привремен тогаш не би требало да има вакви мерки кои што трајно ги решаваат овие прашања, а помагаат бегалците да бидат вработени во нашата држава. Во која што нагласуваме невработеноста достигнува рекордни 218 илјади граѓани односно 22,9 отсто. Да се овозможи одобрен пристап за стекнување државјанство на лицата под супсидијарна заштита и признат статус на бегалец,Значи ова се мерките кои што предвидуваат олеснување за стекнување на државјанство на Република Македонија за бегалците и странците согласно оваа нацрт Стратегија, појасни Стојановска.

Според неа, освен овие предвидени се и други мерки со прецизни рокови, обврски, задолженија на институции во влада кои што бидат задолжени за реализација.

-Оттука, јавно прашуваме што е привремено во овие документи, ако трајно се регулира статусот на бегалците и на странците? Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека ние сочуствуваме со болката на бегалците кои бегаат од воените жаришта, но приоритет на било која влада вклучително и на оваа мора и треба да бидат граѓаните на Република Македонија, а политичарите треба да се стават служба и во интерес на сопствените граѓани. Нагласуваме дека Република Македонија согласно своите ресурси може да биде единствено транзитна земја, а не земја за траен претстој каде бегалците, мигрантите и странците би се населувале, би се вработувале, би добивале државјанства, станови, едукации, и други поволности, истакна Стојановска.

Потенцира дека со ниво на невработеност од 22,9 отсто да се прифати трајно населување на мигранти би било сериозен удар на сите досегашни напори за економска стабилност и намалување на невработеноста на граѓаните на Република Македонија. А и самите бегалци, странци и мигранти, рече Стојановска, ќе имаат сериозни потешкотии во добивањето работа и во самата егзистенција во земја со двоцифрена стапка на невработеност.

-Нагласуваме дека со евентуалното усвојување на нацрт стратегијата, како и со поволностите кои таа ги нуди за бегалците трајно да се населат во нашата држава, како што рековме да добијат државјанства, домување, едукација, се доведува во опасност целокупната демографска, безбедносна, здравствена и економска состојба на нашата држава, рече Стојановска.

 

 

 

 

31.08.2017 - 14:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега