ВМРО-ДПМНЕ: Откако СДС ја презеде власта, македонската економија е во постојан пад

Откако СДС ја презеде власта во Република Македонија, домашната економија е во постојан пад. Секојдневните милионски задолжувања, расфрлањето на државните хартии од вредност и игнорантскиот однос кон странските инвеститори, го земаат данокот, велат од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

Оттаму посочуваат дека ако само во првите 5 месеци од 2017 година, владата на ВМРО-ДПМНЕ во тешки политички околности успеа да донесе 7 инвестиции кoи ќе отворат 4.400 работни места, сега оваа расипничка влада на СДСМ е на пат да ги избрка сите потенцијални инвеститори и да ги обесхрабри постоечките во понатамошно инвестирање и отварање на нови работни места.

-Она што успеа да го постигне ВМРО-ДПМНЕ, што значеше илјадници нови работни места на целата територија на Република Македонија и леб за исто толку семејства, неспособната влада на СДС е на пат да го сруши. Во изминатите години странските инвестиции беа двигател на македонската економија, стимул за домашните компании и главна причина за растот на бруто домашниот производ и извозот. За неполни 100 дена откако се на власт, СДС се откажа од 60-тина странски компании и 25.000 потенцијални работни места. Со сите овие компании изгубен е секаков контакт, а претходно владиниот тим на ВМРО-ДПМНЕ водел интензивни преговори, истакнуваат од ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

Оттаму потенцираат дека јавното објавување на договорите со странските инвеститори, кои патем се во согласност со закон, прифатен и одобрен како таков од Европската Комисија, ќе значи одвлекување на голем број потенцијални инвеститори, кои ја препознаа поволната бизнис клима во нашата држава.

-И не само тоа! Ваквата одлука на владата на СДС ќе ги одвлече постоечките инвеститори во проширување на нивните производствени капацитети, а во најлош случај тоа може да значи клуч на нивните погони и нивно заминување од Република Македонија. Веќе во вчерашниот ден 3 големи мултинационални компании го најавија своето повлекување од Македонија и преместување на нивните капацитети во регионо. Ова ќе значи отпуштање на повеќе од 2000 вработени само поради климата на непријателство која ја води оваа влада, велат од ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

Појаснуваат дека кaко прилепчани, со oваа одлука во прашање дa бидат доведени и повеќе од 1000 вработени во американскиот гигант Гентерм сместен во технолошко индустриската зона Алинци во Прилеп.

-Не сакаме во прашање да биде доведено започнувањето на производството на германската Акомпласт и 150 планирани вработувања во оваа фабрика, како и фабриката на групацијата ВИК која треба да обезбеди 1000 вработувања. Неспособните кадри на СДС на ваков начин од град во подем, Прилеп повторно ли сакаат да го стават на работ на егзистенцијата и да го вратат во периодот пред 2006 година, кога градот крпеше крај со крај и располагаше со цела армија невработени лица. Циркузот на оваа влада мора да заврши. Ние немаме држава за распродавање и држава која ќе служи само како корист за бизнис интересите на луѓето во СДС, посочуваат од ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

Додаваат дека на 15 октовмри граѓаните ќе го зададат првиот удар на оваа, како што рекоа, ненародна власт. На 15 октомври, велат оттаму,  граѓаните се на потег да пресудат во која насока треба да се движи државата.

 

 

 

05.09.2017 - 15:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега