Во август измерени натпросечни температури во Македонија - Демир Капија најтопла

Во август во Македонија се измерени повисоки температури во однос на периодот 1981 – 2010 година. Највисоката темпратура од 41 степен е измерена на 4 август во Демир Капија, а регистрирани се и тропски ноќи со температури над 20 степени.

Средномесечните температури се повисоки од просечните за еден до два степена, а екстремно потопло беше првата декада од месецот за четири до шест степени. Највисока средна месечна температура е регистрирана во Гевгелија од 27 степени целзиусови, а најниска во Лазарополе 19. Средната месечан температура во Демир Капија била 26,8°С, во Штип 25,8°С, во Скопје 25,7°С, во Струмица 25°С, во Прилеп 24°С, во Битола 23,6°С, во Охрид 23,1°С, во Крива Паланка 21,5°С, во Берово 19,5°С и во Маврово 19,4°С.

Апсолутно највисоката температура на воздухот во Република Македонија достигна 41 °С во Демир Капија на 4 август.

Максималната месечна температура во Гевгелија била 40,7°С, во Скопје 40,6°С, во Штип 39,7°С, во Струмица 38,4°С, во Битола 38°С, во Крива Паланка 37,2°С, во Прилеп 37,1°С, во Охрид 36,3°С, во Берово 35°С, во Лазарополе 32,5°С и во Маврово 31,8°С и се измерени во периодот од 4 до 7 август.

Според информацијата од УХМР, апсолутните многугодишни екстремни вредности на температурата на воздухот не се надминати, но многу блиски се вредностите кои се забележани во Скопје и Охрид.

Периодот на првата декада од месецот на целата територија на Република Македонија бил во постојан топлотен бран и се категоризира како екстремно топла прва декада на август во однос на референтниот период 1981-2010 година. Средната максимална декадна температура на воздухот, освен во Гевгелија, е највисока досега измерена во однос на периодот 1951-2017 година.

Бројот на т.н. тропски денови, кога се регистрирани максимални дневни температури на воздухот повисоки од 30°С, изнесува 26 за Демир Капија и Гевгелија, 25 во Струмица, 24 во Скопје, 23 во Штип, 22 во Битола и Прилеп, 19 во Крива Паланка, 17 во Берово и Охрид, 11 во Лазарополе и 8 во Маврово.

Регистрирани се и максимални дневни температури на воздухот повисоки од 40°С и тоа пет дена во Демир Капија и три дена во Гевгелија и Скопје. На повеќе места во земјава забележана е појава на тропска ноќ со максимална температура на воздухот повисока од 20°С Така 12 тропски ноќи се регистрирани во Гевгелија, 9 во Скопје и Демир Капија, 7 во Штип, 3 во Прилеп и Струмица и еден во Охрид.

Во август 2017 се регистрирани потпросечни количества на месечни врнежи на сите мерни места, освен во Скопје.

Најголемо количество на врнежи е измерено во Берово 47мм, а најмало во Лазарополе само 4мм. Во Скопје изнесува 34мм, во Гевгелија 30мм, во Демир Капија и Крива Паланка 18мм, во Охрид и Битола 15мм, во Штип и Струмица 11мм, Маврово 6мм и во Прилеп 5мм. Според методата на перцентили, месецот е во категоријата на сушен во Крива Паланка, Штип и Струмица, многу сушен во Прилеп и во Маврово, а екстремно сушен во Лазарополе.

 

 

 

06.09.2017 - 11:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега