Познавањето на македонскиот јазик е клучен интегративен фактор во Македонијa

Иако во предизборието од партијата на власт се најавуваше дека се залагаат за демократичност, отвореност и дебата и дека се’ што планираат да имплментираат ќе биде во консултација со народот и стручната јавност, за жал ветувањето не само што не го одржаа, туку целата лоша итрина во исполнување на “списокот со домашни задачи“ се сведе на брзоплето и тајно наметнување на проекти, погазувајќи го Уставот и работејќи спротивно на волјата на народот.

Владата го објави предлог-законот за употребата на јазиците, a истиот се очекува да се најде и на Собраниска седница пред пратениците.

Предложениот закон има третман на закон важен за европските интеграции, што значи се бара да се усвојува во скратена процедура, односно по тридневна расправа во Собранието, иако со законот не се врши хармонизација на домашното со правото на Европската Унија, ниту пак се вградува определена ЕУ Директива.

Напротив, може да се каже дека предложениот закон за јазиците дури и се противи на европските препораки. Имено, на 10 април 2006 година, Европскиот Парламент од Одборот за образование, наука и култура (Расправа од 9 седница ДОК: 10837) добил препораки за регионалните и малцинските јазици во образовните системи во ЕУ. Во  Извештајот од Одборот за образование, наука и култура помеѓу останатото се укажува и на ова: “Пожелно е колку што може повеќе младите европјани да се поттикнуваат да го учат својот мајчин јазик кога тоа не е службениот јазик на нивната земја; Должност на секој млад европјанин е да го научи службениот јазик на земјата чиј е граѓанин; Во општествата во Европа секојдневната употреба на службениот јазик е основен предуслов за интеграција на децата чиј главен јазик се разликува од службенот јазик на земјата и тн“.

Една од препораките на ЕУ вели - „секојдневната употреба на службениот јазик е основен предуслов за интеграција на децата чиј мајчин јазик се разликува од службениот јазик на земјата“.

Во духот на препораките, јасно е дека познавањето на македонскиот (службениот) јазик е клучен интегративен фактор и мост за комуникација помеѓу граѓаните од сите заедници кои се немнозински, а живеат на територија на Република Македонија, а ова особено се однесува на најмладите. Во иднина ако сакаме да полесно да се разбираме сите ние кои живееме обединети под едно знаме, ќе треба да ја јакнеме соработката преку познавањето на македонскиот јазик од страна на сите граѓани кои живеат на оваа територија. Властодржците треба длабоко да размислат како во иднина ќе се разбираат младите луѓе од различни етникуми ако ги стимулираме да зборуваат секој на својот мајчин јазик, а ако македонскиот јазик кој е официјален на територијата на Република Македонија, го познаваат делумно. Европското знаме кое го користи владата е синоним за “Обединување во различноста“, затоа власта треба да покаже капацитет и да потврди дека Република Македонија го живее европскиот сон и дека луѓето се обединети во различноста, а не да носи закони со кои се прават нови поделби.

Во предложениот закон кој беше објавен во јавноста, во  член 1, став 2 стои „друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик), исто така, е службен јазик и неговото писмо, согласно овој закон“.

Со ова јасно е дека предложениот закон има за цел да го издигне албанскиот јазик на ниво на македонскиот јазик кој е службен на територијата на Република Македонија, а со тоа директно да изврши прекршување на Уставот и амандманот 5.

Амандамот 5 не содржи обврски, за должности за задолжителна примена на албанскиот јазик, ова го потврдува и ставот 4 каде пишува: “Кој било граѓанин кој живее во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, во комуникацијата со подрачните единици на министерствата, може да употреби кој било од службените јазици и неговото писмо“. Терминот “може“ значи можност, но не и обврска.

Затоа предлог законот за употреба на јазиците се коси и со Уставот, бидејќи со него прецизно се утврдува службена должност за примена на втор службен јазик (албанскиот). Ова поедноставено би значело дека во сите органи наведени во законот, се воведува обврска за примена на албанскиот јазик како службен јазик.

Со овој предлог, албанскиот јазик се издвојува како посебен и истовремено се врши дискриминација над останатите јазици кои ги зборуваат најмалку 20% од граѓаните што припаѓаат на другите немнозински заедници во Република Македонија (турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите). Ваквите предлози стручната јавност со право ги гледа како отворена закана за создавање на бинационална држава, бидејќи се косат и со уставот и со унитарниот карактер на нашата држава.

Предлог законот врши обид да го прошири уставот, што е недозволиво во правото, понизок акт (во случајов предлог законот) да уредува повисок акт (во случајов Уставот на РМ).

Предлог законот во себе покрај дискриминација кон останатите немнозински заедници, крие и мајоризација (надгласување) на волјата на мнозинството од страна на малцинството.

Предложениот закон предвидува и високи глоби (казни), а не укажува колку точно преведувачи, толкувачи, дактилографи и друг кадар е потребно да се вработи во некој гломазен бирократски апарат и од кои средства истиот ќе се плаќа, како би се овозможила примена на текстот.

Предлог текстот во членот 8 предвидува книжните и кованите пари и поштенските марки да содржат симболи кои го претставуваат културното наследство на јазикот кој го зборуваат најмалку 20%, предвидено е и поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи, фактурите на институциите да бидат и на вториот службен јазик. Истото се однесува и на униформите на полицајците, пожарникарите и здравствените работници.Во предложениот закон во шлен 9, 10, 11и 12 се предвидува и судските извештаи, нотарските исправи, белешките од извршители и изводите од матичните служби исто така да бидат и на вториот службен јазик.

Со предлог законот за воведувањe на втор службен јазик и прекршувајќи го Уставот, власта на СДС отвора пандорина кутија и за промени кај меѓународните идентитетски обележја на Република Македонија.

Законот за јазиците со недореченосите кои ги крие, задира и во основните обележја на нашата држава како субјект на меѓународното право и меѓународните односи. Познати правни критериуми за постоење на државата како субјект на меѓународното право се постојано население, дефинирана територија, суверена власт, правен капацитет да влегува во односи со други субјекти, а името, јазикот, уставот, знамето, химната, грбот, се идентитетските обележја на државата во меѓународните односи со други држави и организации.

Со Уставот на РМ и според Охридскиот (Рамковен) договор, официјален е единствено македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, што го одразува унитарниот карактер на нашата држава, Така во Амандманот 5 став 1 стои: “На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо“.

Уставот неможе да се менува со ниту еден закон, бидејќи е највисок правен акт во државата и сите закони треба да се усогласат со него, а јазичната политика во никој случај не смее да биде предмет на интерни партиски договори.

Иако во предизборието од партијата на власт се најавуваше дека се залагаат за демократичност, отвореност и дебата и дека се’ што планираат да имплментираат ќе биде во консултација со народот и стручната јавност, за жал ветувањето не само што не го одржаа, туку целата лоша итрина во исполнување на “списокот со домашни задачи“ се сведе на брзоплето и тајно наметнување на проекти, погазувајќи го Уставот и работејќи спротивно на волјата на народот.

Пред нас е времето кое ќе посведочи дали писмените гаранции дадени на претседателот Иванов имаат значење и колку им тежи дадениот збор пред јавноста.

Отука, особено важно е да се води грижа што се договара и предлага и што се гласа од страна на владејачкото мнозинство, затоа што вакви недоречени закони, нејасни и збунувачки по уставниот поредок, може да значат вовед во нови фази, после кои нема поправен испит, а Република Македонија може да стане земја со радикален мултикултурализам и држава со безброј хендикепи.

Пишува: м-р Анета Стојановска-Стефанова, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

 

 

 

06.09.2017 - 15:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега