ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривична пријава до ОЈО за Рашковски поради злоупотреба на службената должност

ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривична пријава до Основното Јавно Обвинителство за Генералниот Секретар на Владата на Република Македонија, Драги Рашковски, за злоупотреба на службената положба и овластување, при вршење на функцијата Генерален Секретар на Владата, со што извршил кривично дело од чл.353 од Кривичниот законик, информираше денеска членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Светлана Колариќ.

Вели дека Рашковски ја употребил својата положба и овозможил именување на директори од страна на Владата без тие да ја имаат исполнето со закон потребната квалификација, како што рече, единствена квалификација која тие ја имаат е тоа што се активисти на СДСМ.

-Рашковски од периодот на негово назначување за Генерален Секретар до датумот на распишување на изборите, во повеќе наврати организирал именување на повеќе ВД директори од страна на владата, на лица кои не ги исполнуваат законските основи за да бидат именувани, но и именувал луѓе кои не биле писмено предложени од надлежни органи, како на пример Управен Одбор, за позициите за кои тоа било потребно. СДС не бира средства и начин како целосно да ја партизира државата. СДС поставува некомпетентни луѓе на позиции директори, со цел партизација на секоја пора на општество, истакна Колариќ.

Посочи дека Рашковски до Владата доставил решенија без комплетна документација за именување на ВД директори на институции, а именуваните кои требале да имаат писмен предлог за именување од одредена институција, како што рече, го немале или истиот бил доставен до архивата на Владата и заверен по именувањето на истите.

-Да почитувани граѓани, дел од директорите кои СДС ги назначи да раководат со државните институции, не само што не ги исполнувале условите за назначување на позициите на кои се поставени, туку и немаат соодветна квалификација. Ова е грубо и свесно кршење на законот, со цел целосна партизација на институциите и нивно ставање под јаремот на партијата на власт. За ова одговорност мора да има и ќе има. Со незаконското поставување на директори, на лица кои не ги исполнуваат законските услови во опасност се става нормалното функционирање на институциите, загрозени се граѓаните и е ставен во опасност буџетот на државата, истакна Колариќ.

Посочи дека Рашковски и сите прекршители на законите инспирирани или поттикнати од врхушката на власт, треба да знаат дека за своите незаконски дела ќе сносат одговорност, додавајќи дека одговорност мора да има и ќе има.

 

 

 

09.09.2017 - 14:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа