Невремето во Македонија го зема својот данок - земјоделците ги пријавуваат штетите

Долненска општина ги проценува штетите од невремето што ја зафати вечерта во понеделникот. Земјоделците од 10-ина села велат најмногу штети има на тутунот, кој е во завршните, најквалитетни берби, потоа градинарските култури, бостанот, па пченката и сончогледот. Општинската комисија за процена беше на теренот, а земјоделците имаат уште еден ден да ги пријават штетите. Велат, главно не се осигурани...

Уништени хектари тутун, оставени само празни стебленца, штети на градинарските култури, на бостанот, пченката - се последиците од невремето што ја зафати општината Долнени во понеделникот околу 20 часот. Силниот ветер, дождот проследен со град го зедоа данокот, велат земјоделците.

Општинската комисија за процена на штети излезе на терен во атарот на 10-ина села. Според првичните проценки, зафатени се над 800 хектари. Земјоделците веќе ги пријавуваат штетите и признаваат, родот, главно не им е осигуран.

Во околината на Прилеп, пак, кај викенд- куќичките во близината на вештачкото езеро, силниот ветер искорнал дрвја, оштетил далновод.

Екипите на ЕВН денеска го расчистуваа теренот за да ги санираат штетите со доводот на електричната енергија, а во Долнени пријавувањето на штетите е до утре.

 

 

 

 

13.09.2017 - 16:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега