Делев: Мерките кои ги превзема владата на Заев се антиреформски

Мерките кои ги превзема владата на црната тројка Заев, Анѓушев и Тевдовски се антиреформски кои повеќе ќе предизвикаат штета отколку полза за граѓаните. Од овие мерки нема да имаат корист ниту домашните ниту странските инвеститори во државата. Овие мерки не го адресираат главниот проблем во државата. Овие мерки не го адресираат проблемот на невработеноста, реагираат ид ВМРО-ДПМНЕ.

-Според новите мерки трудо-интензивните сектори кои вработуваат многу луѓе во Македонија нема да се субвенционираат, а тие сектори се текстилната, кожарската индустрија, автомобилската, градежништвото. Компании од секторот како Џонсон Мети, Дрексел Мајер, Костал, Леар, Кромберт и Шуберт со нивните мерки не можат да добиваат државна помош и истите ќе одат во соседните држави каде има мерки за овој сектор. Со новите мерки се врши дискриминација на компаниите кои спаѓаат во трудо интензивната област, односно оние кои ангажираат ниско квалификувана работна сила која патем е најголемиот дел од невработената група на граѓани. Тоа значи дека фирмите кои ангажираат по 1.000, 2.000, па и 6.000 работници и од кои егзистираат цели градови и региони нема да имаат никаква корист од мерките на владата на црната економска тројка, од проста причина што кога биле креирани мерките се гледало да се удоволи на нивните бизнис потреби. Компаниите кои ангажираат ваков кадар и кои нема да добијат субвенции логично дека ќе почнат да размислуваат да ја напуштат Македонија и да заминат во други земји од регионот каде нема вакви дискриминирачки ограничувања. Така наместо некој град во Македонија да добие фабрика од 2.500 вработувања, таа фабрика ќе ја добие некој град во Србија, Романија или Молдавија. Сега на овие нискоквалификувани граѓани кои и онака имаат најголем проблем да се вработат сега уште потешко ќе се вработуваат, а и оние кои се вработени може лесно да ги изгубат своите работни места. Ова сериозно ја загрозува вработеноста во државата. Ова сериозно може да влијае и врз пазарот на труд бидејќи со зголемување на невработените ќе се изгуби можноста работодавачите да бидат што е можно поконкурентни и да ја зголемуваат понудата за плата за ангажирање на работници. Корист од тоа ќе имаат работодавачите како фирмите на Заеви, нивниот бизнис картел и транзициските бизнисмени кои на тој начин ќе си ја зачуваат својата комотна позиција да ги држат платите ниски и да не се натпреваруваат со други инвеститори за ангажирање на работници. Вака добиваат сигурна заштита на својот профит. Затоа на газдите од кланот Заеви или газда Кочо му пречат странските компании и гледаат да спречат нивно влегување или по можност да ги избркаат за да не мора да им ја покачуваат платата на своите вработени. Затоа креираа дискриминирачки мерки кои треба на повеќето фирми да им предизвикаат штета, а на своите сигурност и ниски трошоци за плати, истакна Христијан Делев од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој потенцира дека на овој начин народот ќе се осиромашува на сметка на растот на нивното богатство и бизнис империи.

-За да бидат сигурни дека некој и покрај влошените услови сепак сака да инвестира во Македонија црната тројка смислила и уште една обесхрабрувачка мерка. Имено Заев и Анѓушев предвиделе дека субвенциите ќе ги добиваат само ако компаниите ги зголемуваат приходите. Тоа значи, ако западнат во криза и во првите две години, кои се најтешки патем речено со стартирање на нов бизнис субвенциите ќе им се укинат, со цел побрзо да заминат. Мерките што вчера ги објави владата на СДС се први мерки после 11 години, мерки кои НЕ се базирани на никакви анализи, планови или економски теории за раст на економијата, овие мерки повеќе личат на почетнички труд за ученик од средно образование или сугестија на нивните консултанти од Србија. Овие мерки се и спротивни на сите меѓународни договори за слободна трговија.  Дирекните субвенции на извозот може сериозно да предизвикаат контра заштитни мерки од земјите членки на ЕУ, ЦЕФТА, ЕФТА како и СТО. Дополнително овие мерки на крај се и неспроведливи, само лаички нафрлени, нема ниту збор како ќе се имплементираат. Во оваа влада ниту има капацитет нити знае дека за овие мерки покрај усогласеноста со ЕУ директивите како почететна фаза од креирањето на овие мерки треба и да се создаде и структура налик на платежна агенција за да може овие апликативни мерки да се имплементираат.Еве ова е бизнис логиката на црната тројка Зоран Заев, Анѓушев и Тевдовски. Да се заштитат личните и партиските бизнис интереси, на сметка на работниците и инвеститорите кои се одважиле и инвестирале во одреден град во Македонија. Граѓаните веќе ја чувствуваат оваа штетна политика на својот грб и многу скоро, на локалните избори ќе ја казнат, бидејќи економијата оди во надолна линија, постои сериозна опасност од заминување на инвеститорите и зголемување на невработеноста. Тоа е штетно и мора час поскоро да му се стави крај на оваа штетна политика, заклучи Делев.

 

 

 

 

15.09.2017 - 16:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега