Видео: Полициска акција во Кичево - откриени препродавачи на дрога

Полицијата попладнево објави видео од акцијата што ја спровеле за откривање на препродавачи на дрога во Кичево.

Во рамки на акцијата, велат од МВР, која  била спроведена по претходно добиена писмена наредба од Судија на претходна постапка при Основниот суд во Гостивар, биле извршени претреси во 14 објекти на подрачјето на Кичево и еден претрес во Казнено поправната установа во Струга.

„При претресите во објектите во Кичево биле пронајдени и со потврда за привремено одземени предмети, биле одземени повеќе пакувања со кокаин, поголема количина марихуана, повеќе пакувања со хероин, џоинти со марихуана, еден куршум од автоматско оружје. При претресот, исто така, биле пронајдени и еден панцир, една полициска легитимација, тромблонски додаток за автоматска пушка, повеќе боксирачи и еден нож.

Кај лицето К.Х. (47) биле пронајдени и одземени парични средства во висина од околу 35.000 денари, додека кај лицето Л.Ф. (23) биле пронајдени и одземени околу 32.000 денари и 50 евра.  При претресот во домот на К.Х., односно при обидот на полициски службеници  да влезат во неговиот дом, тој нападнал еден полициски службеник при што му нанел тешки телесни повреди. По целосно документирање на случајот, против К.Х. ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „напад на службено лице при вршење работи на безбедноста“, казниво по член 383 став 3 од Кривичниот законик на Република Македонија.

Оттаму информираа и дека при претресот во Казнено поправната установа во Струга кај лицето А.А., кој издржува казна затвор за недозволена трговија со наркотични дроги, биле пронајдени и со потврда за одземени предмети, биле одземени четири мобилни телефони. Инаку, ова лице од порано било  познато како еден од главните снабдувачи и препродавачи на наркотични дроги на територијата на Кичево.  А.А. имал посебен третман во затворот, имал дозвола секој ден да излегува наутро и да се враќа навечер. Според сознанијата, во периодот кога бил надвор вршел недозволена трговија со наркотични дроги.

По извршените претреси, од слобода биле лишени вкупно седум лица.

 

 

 

15.09.2017 - 18:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега