Видео: Заев-Хан: Очекуваме тргање на условената препорака, а потоа и датум за преговори

За време на престојот во Њујорк, премиерот Зоран Заев се сретнал со комесарот за проширување на Европската Унија, Јоханес Хан.

- Продолжете да работите демократски на започнатите реформи. Тоа што ќе го постигнете е важно за перспективите на вашата држава и за целиот регион - порачал Хан.

Тој, како што соопштија од Владата, ги оценил иницијативите на македонсакта влада за добрососедство и регионална соработка како корисни во процесот на интегрирање на целиот Западен Балкан во евро-атлантските интеграции.

Заев, пак, му кажал дека Владата на Република Македонија е активно фокусирана на реализација на реформскиот План 3-6-9 и на потребните активности за остварување на стратешките евро-атлантски цели на државата.

-Ја заокружуваме првата фаза според предвидениот рок, до крајот на септември. Го имаме Извештајот на експертот од ЕУ, Прибе и неговите сугестии ќе бидат земени предвид во вториот дел од Планот на којшто веќе работиме. Нашата цел е да создадеме услови за квалитетен живот на граѓаните на Македонија и за евро-атлантските интеграции. Работиме напорно, инклузивно, вклучувајки ги граѓаните, граѓанските организации, политичките партии, ги зацврстуваме постоечките пријателства и градиме нови со државите од соседството и на меѓународен план. Со право очекуваме исчекор во европските интеграции на есен, преку тргање на условеноста на препораката, а потоа и датум за преговори. Паралелно сметаме дека ги исполнуваме потребните услови и за интеграцијата во НАТО - рекол премиерот Заев.

На средбата разговарале и за отворените можности за напредок на Македонија на економски план, преку зголемениот интерес на домашните и странските инвеститори и придонесот што ќе имаат отворени евро-атлантски перспективи за економскиот развој на Република Македонија.

По едночасовната средба, Заев бил на вечера што за лидерите на Западен Балкан ја организирала високата преставничка за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, во седиштето на делегацијата на ЕУ при ОН.

 

 

 

21.09.2017 - 12:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега