Манојловски со големи проекти за Тетово: Нови детски градинки, катни гаражи, паркови, спортски сали и православен храм

Како кандидат за градоначалник на град Тетово и како човек, чија животна професија е да помагам на луѓето, можам да ви ветам пред се, целосна посветеност и вложеност во претстојните 4 години за Тетово да стане еден современ, урбанизиран град, со еднакви можности за сите, истакна Горан Манојловски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Тетово.

-Тетово е симбол на мултикултурно општество, место каде различностите се надополнуваат едни со други. Таква е и мојата визија за Тетово. Го гледам овој град како сублимат на различни културни вредности, споени во една – за подобро Тетово. Град, во кој различните визии се соединуваат во една – напредок, достоинство, просперитет на сите полиња на функционирање, истакна тој.

Манојловски презентираше дел од својата програма за претстојните локални избори:

-Проект за изградба на постројка за секундарна селекција на отпад во Тетово. Со реализацијата на овој проект, конечно ќе се решил повеќегодишниот проблем со загадувањето на средината и воздухот во Тетово, како и решавање на проблемот со транспортот на отпадот во град Тетово. Со третманот на органскиот отпад, може да се добие висококвалитетен тресет, а од останатиот отпад ќе се добие суровина за ново производство. Рок на изведба – 2018 година.

-Проект за изградба на детски градинки во Тетово. Зголемениот интерес на родителите за згрижување на нивните дечиња од предшколска возраст – секојдневно расне. Заради тоа, овој проект за изградба на 3 нови градинки е од високо значење за нив, но и за дечињата. Рок на изведба – септември 2020 година.

-Покрај ова, должност ми е да напоменам дека паралелно е планирано етапно реконструирање на постојните градинки: во населбата Поток, до спорсткиот центар, градинката кај Тетекс и старата детска градинка.

-Исто така, заради зголемената френквенција на возила Тетово има огромен проблем со паркинг просторот. Заради ова, планирана е изградба на повеќе катни гаражи, преку јавно приватно партнерство со кој ќе се изградат гаражи од најсовремен тип со кои што ќе обезбедиме поголем број на паркинг места во најкритичните точки. Рок на изведба – до декември 2020 година.

-Во мојата програма како кандидат за градоначалник мора да ја споменам и доизградбата на капелата на православните гробишта, како и соодветно уредување на просторот околу неа. Рок на изведба – 2018 година.

-Во мојата програма е планирана изградба на спортска сала во основното училиште „Андреа Сваески – Ќиќиш“, рок на реализација – до крајот на 2018 година.

-Исто така предвидувам изградба на нов ГУП и етапна изработка на нови ДУП-ови за град Тетово. За овој проект важно е да напоменам дека приоритетно место има стариот дел на Тетово, што ги опфаќа населбите: Певчина, Поток, Два Бреста и Коклтук. А, детален урбанистички план ќе биде изработен и за населбата Деребој (Пруга). Во склоп на овој проект ќе биде обезбедена поддршка во постапката за легализација на објектите.

-Во мојата програма за претстојните локални избори, важно е да го напоменам и проектот за  пронаоѓање на локација за изградба на нов православен храм, кој што би одговорил на потребите и барањата на верниците од долниот дел на градот. Рок на реализација – 2018 година.

-Се планира исто така изградба на забавни детски паркови, игралишта и зелени паркови во подрачјето на Општина Тетово во населените места: Тетовчанка, Ајдучко Маало, Блок 70, Поток, Два Бреста, Дреноец, Колтук, Пржова Бавча, Горно Маало, Мала и Голема Речица, Порој, Џепчиште, Шипковица, с. Сараќино, с. Фалише како  и на многу други места.

-Во мојата програма за 2017-2020 година еден од клучните проекти ќе биде комплетна реконструкција на улицата „Гоце Делчев“ во должина од 1.5 километри. Рок на реализација – 2018-2020 година.

-Довршување на улицата „Благоја Тоска“, во потег од делот кај касарната „Кузман Јосифовски – Питу“ до раскрсницата до населбата Дреноец во должина од 1.200 метри, како и пробивање на истиот булевар  до делот кај клиничката болница во Тетово. Рок на изведба – 2018 година.

-Ова што Ви го презентирав се само дел од предвидените проекти во мојата програма за овие претстојните локални избори. Јас верувам дека со заеднички заложби и напори, Тетово повторно ќе го добие стариот сјај, Тетово повторно ќе го добие епитетот на еден од најубавите градови за живеење во Република Македонија. Драги Тетовчани, Ве повикувам сите вас заедно Тетово да го направиме подостоинствено место за живеење, град со европска култура на развој, урбано место во кое што сите ќе можат да живеат подеднакво, без разлика на религија, етничка припадност. Заложбата за Тетово да добие социо-економски развој, да стане град со можности за сите, да биде репрезент за културен и етнички соживот, треба да биде во сите нас. И не само на хартија, ами да биде проведена и во дела. За Тетово, успешно, напредно, еднакво за сите, порача кандидатот за градоначалник на Тетово, Манојловски.

 

 

 

26.09.2017 - 12:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега