Шекеринска: Македонија на 15 октомври повторно решава за својата иднина

Ова не се обични општински избори за совет и градоначалник, бидјеќи Македонија повторно решава за својата иднина дали ќе се развива  и ќе има европска иднина или ќе се врати назад како изолирана држава. Затоа секој глас е важен за тоа кој ќе раководи со советот и со општината, но и за да им се каже на истрошените политичари од изминатите 11 години дека Македонија сака заедничка иднина без кавги и поделби, порача заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, на вечерашниот митинг во Гостивар.

Таа нагласи дека по големите успеси на Владата во првите три месеци од нејзиното работење сакаат тој начин на работа и враќање на животот да се почувствува и во сите општини низ државата, па и во Гостивар.

- Го сопревме трошењето на стотици  милиони евра на споменици поставени на само стотина метри во Скопје во услови кога голем дел од општините во Македонија имаат нерешени основни услови за живот. Ние имаме план и програма за промена на оваа состојба, посочи Шекеринска.

Како прво, нагласи, градиме со план, а не со импровизации или со планови во пет до дванаесет или, пак, планови кои некој политичар ќе ги диктира по телефон.

- Сакаме да го спречиме урбанистичкиот хаос и ќе имаме непомирлива борба со криминалот и корупцијата. Здравјето за граѓаните ни е на прво место и затоа ќе одвоиме дополнителни средства од Владата со кои ќе се овозможи поздрав живот, животна средина воздух и вода во општините. Ќе реализираме проекти насочени кон граѓаните со директна поддршка на домашните  мали и средни претпријатија, но и други проекти кои ќе бидат во интерес на граѓаните и за општините, рече Шекеринска.

Главна цел на локално ниво, како што кажа, ќе им биде да направат отворена и услужна општина за сите.

- Како што напомена претседателот на СДСМ Зоран Заев за сите носители на функции и на централно и на локално ниво тоа е обврска, а не привилегија  и тие мора да бидат отворени и заинтересирани за решавање на проблемите на граѓаните. Токму затоа е потребна поддршката од страна на гостиварци за нашата листа за советници на претстојните Локални избори, потенцира Шекеринска.

Се осврна и на почетокот на кампањата на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски кои одат на овие избори со слоганот Нова ера и нов живот во Македонија.

- Со слоганот покажа дека 11 години правел се, но не за живот во Македонија, туку сеел страв и носеле корупција и криминал и заота сега бараат доверба од граѓаните за да ја заштити својата слобода и криминалот и корупцијата кој ги направил. Правдата споро доаѓа, но деновиве сме сведоци дека луѓето што стоеја зад Груевски бегаат од државата, а дел од нив со наведнати глави влегуваат во судовите. Ние не сме ни судии ни обвинители, но во следниот период ќе покажеме дека законот е еднаков  за сите и важи за сите, а криминалот ќе носи одговорност. Нивната ера заврши и на 15 октомври ќе покажеме дека Македонија тргна напред и оти враќање назад нема, речезаменик-претседателката на СДСМ.

Носителот на листата на советот на општина Гостивар, Зоран Ангелов професор во Средното техничко училиште рече дека сака да го даде својот придонес за да спречи градот што го сака да не останува и понатаму без се она за што вреди да се живее.

Тој најави приспособување на постоечката урбана и рурална инфраструктура во интерес на граѓаните и демократски механизми во функционирањето на локалната власт со овозможување петиции и граѓански иницијативи за подобрување на работата на советот, а со тоа и условите за живот во Гостивар. Вети гасификација на општината што  ќе придонесе за почист воздух, но и подобри услови за живеење и работа на малите и средните претпријатија, профункцинирање на регионалната депонија во Русино преку јавно приватно партнерство,  фабрика за рецеклирање на отпад, пречиститлена станица за отпадни води, регулирање на сообраќајниот хаос, изградба на затворен пазар со катна гаража, проширување на булеварот „Браќа Гиновски“ во Гостивар, како и патната инфраструктуира во населбата Млаки.

 

 

 

28.09.2017 - 22:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега