Ји: Утврдување на одговорноста за прислушувањето е важно за членство во НАТО и ЕУ
- Многу е важно да се утврди одговорноста за нелегалното прислушување и за наводните владини злоупотреби во врска со прислушувањето. Тоа ќе биде клучен чекор за Македонија да ги увери НАТО, ЕУ и другите меѓународни партнери дека е подготвена да се интегрира во тие организации, истакна заменик-помошник државен секретар на САД, Хојт Ји, во интервју за емисијата 360 степени на ТВ Алсат М.
- Тоа е важно и за граѓаните на земјата да се уверат дека е воспоставено владеење на правото. Ги повикуваме сите политички партии, политички и владини лидери, членовите на Парламентот, да сторат се што можат да биде спроведена правдата, СЈО да ја добие потребната поддршка за да си ја заврши работата и да нема политички притисок врз обвинителите и судиите од инволвираните во утврдување на одговорноста. Тоа треба да се направи во разумен рок и да не се одолговлекува, истакна Хојт Ји.
Клучно за иднината на Македонија, според него, е и да се направат потребните судски реформи, кои ќе овозможат судството да стане независно, слободно од политички притисок, за да може да носи брзи и навремени одлуки, со што ќе се овозможи силно владеење на правото. - Тоа е важно за граѓаните, за интеграцијата во НАТО и ЕУ, но и за привлекување странски инвеститори, вели Ји. За релациите власт - опозиција во Македонија, Ји рече дека секоја демократија има потреба од силна влада, но и од силна опозиција, која нема само да блокира предлози со кои не се согласува, туку и ќе нуди алтернативи. Македонија, вели Ји, не може да си дозволи луксуз на постојани одлагања и опструкции од партиите.
- Демократско право е да се користат сите законски алатки што се во согласност со парламентарните правила. Но, обврската за одговорна, конструктивна опозиција значи не само блокирање предлози туку и нудење алтернативи. Затоа, се надеваме дека ВМРО и другите парламентарни партии ќе бидат конструктивни, дека ќе бараат компромиси кога има несогласувања. Одблиску ќе набљудуваме, исто и ЕУ. Ќе ги сметаме за одговорни оние партии или поединци кои опструираат само заради опструкција или заради лични и други намери, изјави Хојт Ји.
Заменик-помошникот државен секретар на САД се осврна и на влијанието на Русија во регионот на Западен Балкан. Смета дека Македонија треба да се спротивстави на руското влијание и на дезинформациите што пристигнуваат од Москва.
- Гледаме дека Русија се обидува да ја обесхрабри интеграцијата на земјите од Западен Балкан во НАТО и ЕУ. Важно е Македонија да работи со нас, со ЕУ и со партнерите во регионот, да продолжи да се противи на малигните влијанија од било кој извор кој ќе дојде, да продолжи да ја јакне независноста на медиумите, важно е да има силни, професионални, независни медиуми кои ќе се спротивстават на дезинформациите од Русија или други извори,изјави Хојт Ји.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа