Златко Марин: Јас и мојот тим ќе работиме за граѓаните и со граѓаните

Предизборни интервјуа на кандидатите за градоначалници. Во предизборниот период Прес24 побара интервјуа со најголем дел од канидатите за градоначалници во скопските општини,  но и од останатите градови. Интервјуата ќе бидат објавувани согласно динамиката на одговори на кандидатите.

ПРЕС24: Во изборната трка за градоначалник на општина Аеродром влегувате по речиси две годишни интензивни критики на актуелната локална власт. Дали во овој период успеавте да ги детектирате слабите точки за кои сметате дека е потребно да го насочите фокусот кон нивно решавање и кои се тие?

МАРИН: Аеродром се соочува со алармантни проблеми кои се директна последица на неодговорното раководство на локалната самоуправа. Лошото урбанистичко планирање и погрешните приоритети на сегашниот градоначалник ја втурнаа општината во долгогодишен градежен хаос. Аеродром стана една од најзагадените општини во Европа, со нефункционална инфраструктура, лоша хигиена, недоволни образовни капацитети и значително опаднат квалитет на живот.

Во следните четири години, јас и мојот тим ќе работиме за граѓаните и со граѓаните, со цел да обезбедиме подобар квалитет на живот за сите во општина Аеродром.

ПРЕС24: Загадувањето на воздухот е една од темите кои постојано се дел од ова предизборна кампања, но и во годините претходно. Вие ја обвинувате локалната власт во Аеродром дека е виновна за тоа. Која е стратегијата што ја планирате за решавање на проблемот со воздухот во Аеродром?

МАРИН: За борба против загадувањето се неопходни конкретни мерки, и токму такви имаме предвидено во нашата програма. Во соработка со централната власт ќе спроведеме гасификација, прво до јавните објекти, градинките и училиштата, а потоа до колективните и индивидуалните домувања. Ќе работиме на енергетска ефикасност на објектите, со поставување сончеви колектори и енергетски ефикасни фасади.

Во следните четири години, ќе посадиме по едно дрво за секој жител. Исто така, во соработка со инвеститорите, зелените површини во општината ќе се дополнуваат со едно дрво за секој нов стан. Во договор со централната власт и Град Скопје ќе овозможиме субвенции за еколошки огрев, со што ќе ги замениме несоодветните материи кои се користат моментално и се сериозни загадувачи во зимскиот период. Во програмата имаме предвидено и еко-билборди кои ќе се поставуваат во дворовите на градинките и училиштата и на фреквентните сообраќајници.

Ќе поставиме и мерни станици за точни информации за квалитетот на воздухот, и ќе изработиме регистар на загадувачи на територијата на општина Аеродром.

Во однос на сообраќајот, ќе го охрабриме користењето на јавниот превоз, со овозможување повеќе автобуски линии, следејќи ги сугестиите на граѓаните. Ќе изградиме и функционални велосипедски патеки низ целата општина. Урбанистичкото планирање отсега ќе се одвива под мотото: Здравјето пред профитот! ДУП – овите ќе подлежат на ревизија, а во нашиот мандат ќе се носат преку однапред најавени јавни расправи и со цел повисок квалитет на живот за сите жители на Аеродром.

ПРЕС24: Актуелното реководство на општината вели дека денес Аеродром со право се нарекува општина пример за реализирани проекти, особено од доменот на спорт и рекреација. Кои се вашите планови, дали Аеродром ќе добие и други спопртски терени?

МАРИН: Актуелната власт воопшто не го разбира спортот, а уште помалку разбира што всушност претставува развој на спортот. Јас сум професор по спорт и спортски активности и со години го следам развојот на спортот во општината и во Македонија. Со еден збор, спортска општина е онаа која развива и поддржува спортисти и локални клубови. Дали тоа Ивица Коневски го правеше? Не. Во Аеродром секоја година има 7000 првачиња. Како и на кој начин општината ги мотивираше и поддржа овие деца спортски да се развиваат? Никако.

Нашиот пристап ќе биде целосно различен. Ние ќе инвестираме во спортистите и младите таленти, не само во терените. Терени ќе останат празни ако ние не ги поддржиме, мотивираме и развиеме надежните спортисти.

Во буџетот на општината ќе се формира спортски општински фонд наменет за поддршка на општинските клубови и стипендирање спортисти. Ние ќе инвестираме во децата и ќе им овозможиме услови за развој и напредок во својата населба.  Освен тоа, ќе обезбедиме и средства за спортските работници и квалитетни трененри што ќе работат со младите спортски таленти. Силно ќе ги поттикнеме и поддржиме училишните спортски лиги. Ќе организираме и помагаме спортски пригодни активности и манифестации од локално значење. Ова целосно различен пристап во поддршката на спортот и овој пристап носи вистински спортски развој.

Што се однесува до инвестиции во терените секако дека ќе инвестираме. Но прво ќе треба да се опремат самите училишта. Во овој момент, училиштата не располагаат со основни реквизити во кабинетите по физичка култура. Што ќе ни се терени за рекреативци, ако немаме соодветни кабинети за развој на училишниот спорт? Прво добро ќе го развиеме училишниот спорт и условите во училиштата. Континуирано ќе инвестираме во спортските капацитети преку изградба на нови, реконструкција на постојните и тековна замена на дотраените спортски реквизити со нови. Освен тоа, во неколку урбани заедници ќе изградиме скејт-паркови, спортски катчиња и џогинг-патека покрај кејот на реката Вардар  (во соработка со Град Скопје). Имаме предвидено изградба на затворен базен во општина Аеродром, и спортска сала во основното училиште во Долно Лисиче. 

ПРЕС24: Ако Вие станете градоначалник дали ќе очекувате поддршка од централната власт?

МАРИН: Секако дека очекувам поддршка од централната власт. Основната улога на јавните институции е да бидат ефикасен и квалитетен сервис на граѓаните. Помина времето кога граѓаните ги препраќаат од еден на друг шалтер, со изговор „немаме ингеренции“. Наша должност е да го олесниме пристапот на жителите до сите јавни услуги, а не да создаваме конфузија. За оваа цел, неоходна е блиска и континуирана соработка меѓу сите нивоа на власта и без разлика на партиската припадност. Вака планирам јас да работам во иднина, и го очекувам истото од сите мои соработници. 

ПРЕС24: Можно ли е да се води успешно една општина, ако централната власт – Владата не и е наклонета?

МАРИН: Верувам дека е можно, но за време на претходната власт ова беше значително отежнето, како што видовме во примерот на општина Центар. Општина Центар беше таргет на сите инспекциски служби, и не добиваше никаква поддршка од централната власт. За споредба, сите големи проекти во општина Аеродром се реализирани во соработка со централната власт. Тука се и сите административно - правни процедури кои за општини како Аеродром беа експресно завршени, а за Центар невозможни.

Јас лично не верувам во реваншизам и партиски поделби. Ако дојдеме во ваква ситуација, искрено се надевам на добра соработка, за да овозможиме квалитетна услуга за нашите граѓани.

ПРЕС24: Изминативе две години жителите во општината се соочуваат со чести прекини на водоснабдувањето. Дали имате информации поради што се случуваат тие прекини и имате ли план како тие да се санираат? И од каде доаѓа непријатната миризба која речиси секоја вечер ја чувствувата жителите на општината?

МАРИН: Непланското градење и општинската негрижа се одрази врз инфраструктурата во целата општина. Така, водоводните и канализациони мрежи во урбаниот дел од Аеродром не беа предвидени за волку голем број згради и едноставно немаат доволно капацитет. Токму затоа, многу често во високите зони во Аеродром нема вода, а низ населбата се чувстува реа од канализацијата. Обидувајќи се да демантираат пред некој ден, ЈП Водовод призна дека на територија на Аеродром и извршена промена на само 10% од водоводната мрежа. Ова е смешно, ако се земе предвид дека водата е поскапена за 100% уште од 2007 година со образложение дека тие пари се за реконструкции на мрежата. Да не зборуваме дека во меѓувреме, Водовод изгради барокна зграда од околу 10 милиони евра за канцеларии. Оваа расипничка политика оди во историјата. Во соработка со Град Скопје, ќе пристапиме кон обновување и замена на водоводната, фекална и атмосферска мрежа, онаму кадешто е потребно.

Инфраструктурни проблеми има и во Лисиче. Тука, иако јамите се заменети, поставените фекалните мрежи се нефункционални. Недостига атмосферска канализација, а голем број од улиците се неасфлатирани и немаат тротоари, ниту пак велосипедски патеки.

 

Несоодветната инфраструктура има и други последици. Поради драстично зголемениот број на жители во последните години, многу често се создава сообраќаен метеж, кој дополнително го зголемува загадувањето. За да го решиме овој проблем, ќе пробиеме нови коридори, булеварите „Асном“ и „Февруарски поход“, и ќе го поврземе Аеродром со соседната општина Кисела Вода, со нов пат преку пругите зад „Раде Кончар“. 

 

 

 

08.10.2017 - 12:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега