Јанчев: Малку ни недостасуваше да победиме во првиот круг, иднината на Кавадарци е во ваши раце
Кандидатот за градоначалник на Кавадарци од ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев изрази благодарност за победата до која стигна вчера во Кавадарци, како што вели тој блиску биле и до конечна победа во првиот круг, но сепак судбината на Кавадарци останува да ја одлучат граѓаните во вториот круг.
Фејсбук статус на Митко Јанчев
Почитувани граѓани,
Во изминатиот период работевме напорно и бевме фокусирани на вчерашниот ден. Првиот круг од локалните избори помина со резултат кој не носи во втор круг во Кавадарци. Победата е наша, ни недостасуваше многу малку за да заокружевме уште во првиот круг. Пред се сакам да им се заблагодарам на сите граѓани кои излегоа да гласаат и го искористија своето право на глас. Сакам да се заблагодарам на Вас граѓаните, мои сограѓани, роднини и пријатели, кои ми ја дадовте целата поддршка. Голема благодарност и до членството на ВМРО- ДПМНЕ кое работеше напорно за да стигнеме до овие резултати. Вие сте свесни што му треба на Кавадарци и разумно можете да одличите за иднината на нашиот град. Моето дејствување за Кавадарци е поткрепено со дела кои траат до ден денес, мојата заложба за градот и граѓаните, уште пред мојата кандидатура, не може да биде заборавена и да се стави сенка на моето работење. Сум вложувал во Кавадарци и ќе продолжам без разлика на се, затоа што Кавадарци заслужува.
Им честитам на сите нови градоначалници кои заокружија победа во прв круг, им посакувам успешна работа и се надевам дека ќе работат во интерес на граѓаните. На 29 ти октомври ќе треба повторно да дадете поддршка и да одлучите во чии раце ќе го дадете Кавадарци. Ова се избори за нас, за нашето Кавадарци. Избори во кои треба сами да одлучите за Вашата иднина. Иднината на Кавадарци е во Ваши раце, нека биде тоа разумна одлука. За убаво Кавадарци. Кавадарци на прво место.
Со почит,
Митко Јанчев
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа