Заев: Не размислувам за предвремени парламентарни избори
Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека не размислува за предвремени парламентарни избори бидејќи приоритет во моментов е завршување на локалните избори кои се во тек, а нивниот досегашен резултат, вели, го охрабрува да се фокусира на носење сериозни одлуки, меѓу кои и за прашањето за името на транспарентен и инклузивен начин.
- Не размислувам за предвремени парламентарни избори бидејќи се уште се во тек локалните избори, а наш приоритет е тие на 29-ти да завршат комплетно регуларни и кредибилни како и во првиот круг оти само тогаш Македонија победува. Веројатно ќе ги носиме одлуките по 29-ти. На оваа поддршка гледам како поддршка за работа, а не пак за избори. Резултатите од локалните избори ми даваат дополнителна храброст за носење одлуки вклучувајќи го и решавањето на спорот за името. Македонија има сериозни одлуки пред себе и треба да ги носи на еден транспарентен и инклузивен начин, меѓу другото и одлуките за проблемот којшто Грција ги има со нашето уставно име, рече Заев на заедничката прес-конфернција со претседавачот на Советот на минситри на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ.
Тој потсети дека го повикал посредникот во разговорите Нимиц уште во ноември по изборите да излезе со нови предлози и идеи за надминување на спорот за името.
- Јас го повикав медијаторот Нимиц уште во ноември после изборите да дојде со нови предлози, идеи и со можни решенија по што би навлегле во нивно решавање и би ја повикал опозицијата да учествува во ова прашање, институциите на системот, но во функција на изнаоѓање решение, а не на негово одложување. Затоа што навистина сакаме Македонија да стане 30-та членка на НАТО и затоа што е значајно одлуките што ЕУ ќе ги носи на пролет е одлична можност да почнеме преговори, а сите знаеме дека мораме да направиме нешто со овој сензитивен проблем како наметнат од грчка страна, рече Заев.
Во овој контекст, тој додаде дека е охрабрен од добрите односи со властите во Атина во изминатиот период од формирањето на новата Влада.
- Градењето на пријателството со Грција што го имавме сите овие месеци наназад дополнително мене лично и другите министри во Владата не охрабрува дека треба да влеземе во клинч на решавање на овој проблем притоа секако внимавајќи на нашата поставеност и нашето место во поглед на изнаоѓање решение. Сигурен сум дека по изборите ќе има попрецизни и поконкретни и стратегии и правци, но сигурен сум ќе се разговара за решавање на овој проблем, рече премиерот Зоран Заев.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа