Седница на Владата за прашања од повеќе области
Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи 32 седница, на која ќе расправа за прашања од повеќе области, меѓу кои и за информацијата за постапување по предмети за настанатите штети на движен и недвижен имот на подрачја на скопскиот и тетовскиот регион поради зголемен обем на врнежи и поплави.
На седницата ќе биде разгледана информацијата за пројавен интерес за користење стручна помош од странски експерти на третиот Јавен повик на проектот „Странски експерти за домашни компании“, а на предлог на Министерството за транспорт и врски ќе се разгледа и информацијата за текот и прогресот на активностите за реализација на проектот „Евтини летови за македонските граѓани“, информација за текот и прогресот на активностите за реализација на проектот за иницијативи за склучување на билатерални спогодби, меморандуми за разбирање и соработка во воздушниот транспорт со воздухопловните власти на земјите од ЕУ и светот.
На предлог на Собранието на РМ, министрите во Владата на РМ, на оваа седница ќе се произнесат и за Предлог-законот за изменување на Законот за заштита од пушењето, по скратена постапка, како и за предлогот за изменување и дополнување на Статутот на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија. Пред министрите ќе се најде и информацијата за склучен Протокол помеѓу Царинската управа на Република Македонија и Федералната царинска служба на Руската федерација за размена на документи и информации поврзани со царинска вредност на стока која се разменува меѓу двете земји и Работен план за соработка помеѓу Царинската управа на Република Македонија и Федералната царинска служба на Руската Федерација за спречување на царински прекршоци. На предлог на Секретаријатот за европски прашања на оваа седница ќе биде и информацијата за потпишување Спогодба за финансирање помеѓу Европската комисија и Владите на Република Македонија и Република Албанија за Акциската програма за прекугранична соработка помеѓу двете земји за 2015-2017 година, како и Предлогот за поведување постапка за водење преговори за склучување на Протокол помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Косово за соработка во областа на борбата против трговија со луѓе. Владата на седницата ќе ја разгледа и информацијата за постапување по обраќањата и препораките на Народниот правобранител упатени до Владата на Република Македонија, органите на државната управа, други органи и организации што имаат јавни овластувања, во периодот мај-јуни 2017 година. На дневен ред е и Предлог-уредбата за методологија за утврдување на критериумите за распределба на блок дотации од областа на културата во 2018 година и Предлог-програмата за Тркалезната маса Семинар Прес-конференција на ДУИ.
Ќе биде разгледана и информацијата за активностите во насока на имплементација на клучните мерки под димензијата Антикорупција од Стратегијата за Југоисточна Европа 2020. Министерството за транспорт и врски на оваа седница на владата ќе ја презентира и информацијата за текот и прогресот на активностите за реализација на проектот „Изградба на карго аеродром „Филип II“ во Штип. На предлог на Министерството за образование и наука, министрите на оваа седница ќе ја разгледаат информацијата за реализација на проектот Спортска академија, како и информацијата за текот и прогресот на активностите во врска со проектот „Стипендии на средношколци кои ќе освојат награда на научна олимпијада“. Ќе биде разгледан и Извештајот за шестмесечната работа на Агенцијата за филм на Република Македонија за период од 1 јануари 2017 до 30 јуни 2017 година, на предлог на Агенцијата за филм на Република Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа