Кумуцакос: Грчката влада нема единствена позиција за прашањето за името

Пратеникот на грчката опозициска партија Нова Демократија задолжен за надворешна политика Јоргос Кумуцакос повторна ја нападна грчката влада за тоа дека нема заедничка и единствена позиција за прашањето за името. Кумуцакос во интервју за државната агенција АПЕ-МПЕ изјави дека, за разлика од владините партнери, неговата партија има јасен став за името, оној од Букурешт од 2008.

- Клучното прашање е каква позиција ќе заземе владата, која носи и одговорност, вели Кумуцакос за прашањето за името, при што додаде дека актуелната влада во Грција е поделена на три дела за ова, како што вели „важно прашање“.

„Од една страна, според Кумуцакос, се министерот за финансии Цакалотос, министерот за образование Гавроглу, советникот на премиерот, Караникас, поранешната министерка Христодулопулу, со друг став е шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, а сосема трет има министерот за одбрана и коалиционен партнер Панос Каменос кој не ја крие неговата позиција дека е против терминот Македонија да биде вклучен во името на соседната земја“, обаснува Кумуцакос.

- Од една страна високи владини функционери во 2008, непосредно пред националната битка во Букурешт, потпишаа текст во кој го поддржуваат името „Македонија“. Велеа дека не постои никаков „национален интерес“ што би бил загрозен, ако на соседната земја и се даде можност да го задржи уставното име. Тогаш, секако, говореа за „непосредна интеграција на Република Македонија во НАТО“. Од друга страна, господинот Коѕијас ја има присвоено позицијата за сложено име со географска одредница пред зборот Македонија, кое ќе важи за сите (ерга омнес), за секоја употреба и внатрешна и меѓународна. Господинот Каменос и неговите пратеници, пак, имаат спротивни позиции, објаснува Кумуцакос во интервјуто за грчката државна новинска агенција.

Тој ја потенцира потребата грчката Влада да изгради единствена позиција, која ќе ја поддржува целото владино мнозинство.

- Земјата не може да преговара со недефинирани позиции, потенцира Кумуцакос.

Во изминатиот овој виден член на опозициската Нова демократија сѐ погласно и поинтензивно коментира дека Грција не може да влегува во преговори со министер за надворешни работи и за одбрана со дијаметрално спротивни позиции во спорот со името. 

 

 

 

25.10.2017 - 14:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега