Се укинува акцијата „Ден на дрвото“

По речиси десет години, укината е акцијата за организирано садење дрва после што Македонија почна видно да ја менува својата еколошка карта и да го заптре опустошувањето на планините и голите ридови. После засадени над 35 милиони садници... традицијата е запрена.

Десетгодишната Акција „Ден на дрвото" заминува во историјата.Досегашните акции беа силно поддржани од претходната Влада со сите надлежни министерства, од Заедницата на локалната самоуправа (ЗЕЛС) со општините, ЈП „Македонски шуми", како и од дипломатскиот кор во земјава. Целта на акцијата беше да се стави акцент на сите придобивки од пошумувањето за здравјето на луѓето, животните и целиот био-свет.

Секога година урбаните средини беа во фокусот, но се садеше и на опожарените места и руралните средини. Се садеше буквално на секаде, пред дворови на училишта, паркови, покрај згради и куќи, на планински места. И покрај сето тоа, Акцијата ќе биде стопирана, потврдија од Владата.

- Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство по претходно мислење од ЈП Македонски шуми, планира да ја укине Акцијата „Ден на дрво" бидејќи анализите укажуваат дека истата била неуспешна. Информацијата ќе се разгледува на една од следните седници на Влада на РМ. ЈП Македонски шуми во координација со МЗШВ редовно ќе ги продолжи годишните акциите за пошумување во целата држава, согласно законските одредби, со цел зголемување и обновување на шумскиот фонд, велат од Владата.

Организаторите кои 10 години беа дел од Акцијата, барем денеска во телефонски разговор за Алфа, не беа расположени за било каков коментар.

Инаку, сонот за пошумена Македонија преку засадување на иднината се појави во август 2007 година, кога оперскиот пејач Борис Трајанов, поттикна проект за масовно засадување на голините и опустошените планини. Од 2008 година, кога почна акцијата „Ден на дрвото", досега се пошумени нешто повеќе од 13.000 хектари со над 35 милиони садници, а само минатата година, пошумени биле над 500 хектари со повеќе од 2,6 милиони дрвца.

Колку за потсетување, најреномираните светски медиуми како Франспрес, Ројтерс, Би-Би-Си, со восхит известуваа за акцијата, па така таа и донесе меѓународна афирмација на Република Македонија

 

 

 

25.10.2017 - 21:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега