Координација во Собранието за верификацијата на новите пратеници

Претседателот на Собранието Талат Џафери изјави дека од денешната координативна средба во Парламентот зависи кога ќе се одржи следната седница на која една од главните точки би била верификација на мандатите на новите пратеници на местото од новоизбраните градоначалници.

Во однос на можните промени во парламентарниот состав, Џафери посочи дека не е негова работа да коментира околу тоа, туку е работа на политичките партии, а тој како претседател на Собрание ќе ги спроведува парламентарните процедури.

Во однос на вчерашниот втор круг од локалните избори тој ја повтори оцената дека за мирен изборен процес што било желба на сите институции, политички партии и граѓаните, дека биле спроведени избори со европски стандарди за што им честита на граѓаните и на сите избрани градоначалници и советници. Џафери посака тие да работат во интерес на граѓаните на исполнување на предизборните ветувања.

Пратеничката група на СДСМ ќе претрпи персонални промени откако градоначалници станаа на Скопје Петре Шилегов, на Карпош Стефан Богоев, на Шуто Оризари Курто Дудуш, на Куманово Максим Димитриевски, на Гевгелија Сашко Поцков, на Струмица Коста Јаневски и на Штип Благој Бочварски. Нивните пратенички места се очекува да ги заземат Татијана Лалчевска, Анета Симеска-Димоска, Лидија Тасевска, Ристе Ташев, Костадин Костадинов, Агим Муртезанов и Костадин Ацевски. 

На местото на Билал Касами од БЕСА, доаѓа Неџбедин Каремани. Оставка поднесе и Бардуљ Даути од ДПА,а следна на листата на ДПА во ИЕ 6 од каде доаѓа тој е Мерал Узаири Ферати. 

 

 

 

30.10.2017 - 13:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа