Десет лица обвинети за обид за убиство на Зијадин Села

 

Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот суд Скопје 1 Скопје, поднесе обвинение против десет лица за обид за убиство на пратеникот Зијаден Села за време на насилствата во Собранието од 27 април годинава.

– Обвинетите сите заедно, како и со други лица за кои до овој момент не е утврден идентитетот, се обиделе да го лишат од живот  оштетениот Зијадин Села. Дел од обвинетите користеле тврди предмети кои ги фрлале кон оштетениот и притоа му нанеле животно загрозувачки повреди. Останатите пак, со употреба на удари, клоци и тупаници го извршиле кривичното дело за кое се товарат, се наведува во соопштението од скопското Обвинителство.

 

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје заедно со Обвинителниот акт поднесе и предлог за продолжување на мерката притвор за деветмина од обвинетите, а за еден од нив предлог за продолжување на мерката куќен притвор.

– Обвинителството цени дека постојат законските основи за продолжување на побараната мерка за обезбедување, бидејќи постојат основи за можно бегство на обвинетите, за влијание врз сведоци, како и за довршување на кривичното дело за кое се обвинети, стои во соопштението.​

Обвинението е поднесено по завршување на сеопфатната истражна постапка и прибирање на сите докази во предметот, за сторено кривично дело Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

 

 

 

03.11.2017 - 15:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега