А-5: Цврста заложба за натамошно зајакнување на односите на потписниците на Јадранската повелба

Потврда и потсетување за цврстата заложба за натамошно зајакнување на односите, проширување и продлабочување на областите на воената соработка меѓу потписниците на Јадранската повелба се со цел да се поддржи и да зајакне регионалната безбедносна и одбранбена архитектура, порачаа денеска во заедничката изјава началниците на Генералштабовите од А5 Групата и САД.

Тие во изјавата ја нагласуваат важноста на заклучоците и одлуките од Самитот во Варшава како одговор на новите безбедносни предизвици вклучувајќи ги предизвиците и заканите потекнувајќи од југ и од исток, од државни и недржавни актери, од воени сили и од терористички, кибер или хибридни напади.

Началниците од А5 Групата договориле дека е потребно продлабочување на соработката во областа на обуките и вежбите со цел да се зајакне интерооперативноста на вооружените сили.

Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, Методија Величковски, оцени дека целите на конференцијата се постигнати поради тоа што сегашната конференција од постоењето е најбројна од причини што денеска беа присутни и командантите на националните гарди на САД, што се партнери на земјите потписнички на Јадранската повелба.

- Ова даде можност да ги отвориме вратите за повеќе проекти, повеќе можности за заедничка обука се со цел единиците да бидат подготвени за да бидат заедно распоредени и да добијат искуство за изведување заеднички операции, рече Величковски и нагласи дека Армијата на Република Македонија со своите постигнувања заслужува и во иднина да ја има поддршката од САД.

Заменик командантот на Европската команда на САД генерал потполковник Тимоти Реј уште еднаш ја потврди заложбата на Европската команда на САД за зацврстување на врските меѓу вооружените сили на САД и Македонија.

- Би сакал да ја истакнам важноста на програмата за партнерство на сојузните држави од САД и соработката со сите земји членки од А5 и земјите набљудувачи. Оваа соработка меѓу АРМ и Националната гарда на Вермонт ја отсликува основата на безбедносната соработка меѓу ЕУКОМ и Македонија  и претставува само еден пример на успешноста на програмата за партнерствона сојузните држави од САД во регионот, истакна Реј

Тој потврди дека ЕУКОМ останува посветена на Европа и дека се надева дека ќе може сите да продолжат да работат на заедничка визија на Европа единствена слободна и во мир.

Според началникот на ГШ на Црна Гора Илија Даковиќ, Јадранската повелба била основната алатка која Црна Гора ја користела во патот кон НАТО и додаде дека Македонија и Босна и Херцеговина, кои се уште не се членки, ќе ја добијат мексималната поддршка од Црна Гора, за нивна интеграција во Алијансата.

Хрватскиот директор на Генералштабот на ВС ја нагласи важноста на Конференцијата, која според него придонесува за безбедноста во регионот, за кога најзаслужна е САД. 

Како набљудувачи на Конференцијата присуствуваа НГШ на ВС на Словенија генерал-мајор Андреј Остерман и командантот на Косовските безбедносни сили генерал-потполковник Рахман Рама, а во улога на гости присуствуваа претставници на националните гарди (НГ) од сојузните држави на САД, кои се партнери на земјите од А5.

Договорот за формирање на САД-Јадранската повелба, официјално е потпишан во 2003 година, со кој покрај САД како покровител, Македонија, Албанија и Хрватска се обврзаа низ институционална рамка да ја развиваат регионалната соработка во областа на одбраната. Во 2008 година, на оваа иницијатива се приклучија Босна и Херцеговина и Црна Гора, а Србија, Косово и Словенија имаат статус на земји набљудувачи во групата. Средбите во формат на началници на генералштабови на армиите се одржуваат еднаш годишно, на кои се разгледуваат прашања од областа на военото образование, воено-техничката соработка, операциите за поддршка на мирот и други актуелни теми од областа на одбраната и безбедноста

 

 

 

09.11.2017 - 16:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега