Бeса:Расправата за избор на заменици на генералниот секретар на Собранието има правен проблем

Пратеничката група на Беса во Собранието на Македонија смета дека дебатата по предлог одлуката за избор на заменици на Генералниот секретар на Собранието има правен проблем, бидејќи кандидатката Ермира Асани Салија, предложена од партијата веќе има друга функција, односно е член на Државната изборна комисија.

Поради тоа заменик координаторот на пратеничката група на Беса Фадил Зендели побара пауза од половина час во Собранието и повлекување на точката од дневниот ред.

Зендели, како што посочи одлуката веќе е помината како целина односно треба да се гласа за тројцата кандидати, кои што поминале на Комисијата за избори и именувања.

- Ова е правен проблем, а не процедурален и како таков е спорен да се разгледува, бидејќи има еден кандидат кој се повлекува. Мора да се оди со нов предлог на Комисијата за избори и именувања и повторно да се врати потоа на Собрание и да се одлучува како целина. Добро би било како Претседател да го повлечете и да дадете пауза, рече Зендели.

Претседателот на Собранието Талат Џафери, дозволи пауза од половина час, иако посочи дека нема правен проблем бидејќи Собранието треба поединечно да се изјаснува за кандидатите.

Претходно тој информираше дека во меѓувреме е повлечена кандидатурата на Ермира Асани Салија, еден од тројцата кандидати, кои ги предложи Комисијата за прашањата на избори и именувања.  Другите двајца канидидати се Мики Милковски и Маријана Кацарска.

- Да, факт е дека првичниот предлог е со три кандидати. Ваш избор било лицето кое било во постапка за избор на една функција да го номинирате на друга. Таа пред да се реши одлуката на таа седница на која е избран членот на ДИК, на 4.10 поднесе изјава до мене дека се повлекува од изборот на заменик секретар. Друго процедурално решение нема. Ништо не добивате со пауза од половина час, само ќе ја продолжиме дебатата во Собранието. Предлагач е Комисијата и дебатата е отворена, сред дебата може да се повлече само кандидатот, рече Џафери.

Претходно во претпладневниот дел од дебатата, пратениците од опозцијата, рекоа дека изборот на петмина заменици на генералниот секретар на македонското Собрание е создавање дополнителни трошоци и дека никогаш генералниот секретар немал повеќе од тројца заменици и побараа да се запре постапката

 

 

 

16.11.2017 - 16:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега